Што прави денеска: Вера Мештеровиќ, поранешна Мис на Македонија, сега ТВ-водителка

Вера Мештеровиќ/Фото: Приватна архива/Стефан Соколовски

Нашата убавица раскажа како изгледа едно нејзино деноноќие…

„Мојот ден започнува мошне рано, кога повеќето од луѓето спијат. Станувам во 5 и 30 часот, а веќе во 6 часот сум во телевизија да се подготвам за почеток на работниот ден.
Во мојот рутински ритуал секако влегува и облекувањето, односно подготвувањето за во студио или за терен, шминкањето, проверувањето на синопсисот и сѐ што е потребно за тоа утро за утринската емисија „Здраво Македонијо“ на „Канал 5“, која оди во живо.

Фото: Приватна архива/Канал 5

Понекогаш сум во студио во текот на трањето на целата емисија, понекогаш со линкови, а водам и разговори на најразлични теми и актуелности кои се секојдневие на нашето општество и на нашите граѓани. По завршување на емисијата барам нови содржини за утрешното издание на утринската програма или, пак, за некој друг, нареден ден што да снимам, договарам снимање и монтирам снимен материјал.

По завршувањето на работните обврски во телевизија, продолжувам со ангажманите – снимање, фотосесија за фирмите со кои дополнително соработувам и ги рекламирам.
Честопати посетувам настани кои се дел од мојата работа.

Фото: Стефан Соколовски

Инаку, во текот на една работна недела се трудам три пати да практикувам физичка активност која вклучува вежбање, пешачење во природа, одење во спа-центар, да посетам козметички салон каде што се опуштам со масажа, истовремено со нанесување пакувања со алги, кои многу ми помагаат за кожата… Сите тие активности се трудам да ги завршам до 16 часот за во попладневните часови да им се посветам на децата.

Фото: Вера Мештеровиќ/Приватна архива

Со децата во текот на работната недела учиме, читаме лектири и ги завршуваме дополнителни активности, додека во текот на викендите шетаме, одиме на излет, планина или на езеро, на кеј, во парк, ја посетуваме Зоолошката градина, одиме на кино, играме тенис, покрај фудбалот и гимнастиката.

Се дружиме со нивните другарчиња, со роднините. Времето ни поминува и релаксирано и забавно – играме шах, монопол, карти, „не лути се човече“, гледаме филмови… Сѐ на сѐ, така го поминуваме слободното време, секогаш исполнето со интересни и едукативни содржини.“

Фото: Вера Мештеровиќ/Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот