Што прави денеска: Ивица Брчиоски, композитор, продуцент, гитарист на групата „Ареа“

Фото: Приватна архива

Ружица и Ивица, музичката брачна двојка од легендарниот македонски бенд „Ареа“, со секоја песна нѐ потсетуваат дека сѐ уште постои квалитетна музика на овие простори.

Овој пат Ивица ни раскажува како се одвива едно негово секојдневие.

Фото: Приватна архива

„Денот го започнувам доцна, станувам околу 11 часот поради лошата навика, која не успеав да ја променам, а тоа е да работам само навечер во студиото. Се случува да останам во студиото и до 4 часот наутро.

Имам редовен утрински ритуал што се состои од топло нес-кафе, две цигари и гитара. Во тие моменти честопати ми доаѓа нова идеја за музика, најверојатно тогаш сум најопуштен и најкреативен.

Откако ќе завршам со мојот утрински ритуал, го вклучувам телефонот и ги прегледувам телефонските повици и мејлови, најчесто поврзани со „Ареа“ и одговарам на нив. Ако е работен ден и немам други обврски, честопати знам да направам и ручек, бидејќи Ружица е на работа и не е во можност, а искрено и ми оди од рака.

Деновиве се собравме со членовите од бендот, бидејќи имаме понуди за настапи во неколку клубови низ Македонија, а сѐ уште не сме ги потврдиле. Со коронавирусот многу работи се променија, така што треба да се договориме што има логика да се отсвири во зимскиов период.

Фото: Приватна архива

Три до четири пати во неделата после 18 часот, заедно со другар ми Стојче, редовно пешачиме од 8 до 10 километри покрај реката Вардар. Работата во студиото најчесто е во седечка положба, па така ова пешачење добро ми доаѓа.

Потоа, одам во студиото, и како што реков на почетокот, останувам до доцна во ноќта. Во моментов работам на новиот албум, сите инструменти се снимени и ја работам продукцијата. Овој албум ќе го објавиме наредната година кога ќе прославиме 30 години активност на групата „Ареа“.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот