Што крие Александар Филипчев? Претседателот на НПФ, забрани влез на новинар на Слободен печат на Државното првенство во пливање

Претседателот на Националната пливачка федерација на Македонија (НПФ), Александар Филипчев, денеска му забрани влез на новинар на Слободен печат пратен на работна задача да го следи Зимското државно национално првенство во пливање, иако новинарот претходно доби дозвола лично од Филипчев за акредитација и следење на натпреварот.

На нашето прашање, што се смени преку ноќ и зошто на нашиот новинар му е забранет влезот на базенот „Борис Трајковски“ каде се  одржува натпреварот, тој ни одговори дека „безбедноста на децата била на прво место“ и дека немало услови за ЕДЕН новинар да присуствува на натпреварот (други новинари немаше). Дали новинарот на Слободен печат ја попречува безбедноста на децата? Ова прашање остана да лебди во воздух? На натпреварот на кој, според официјалните протоколи објавени од НПФМ е забранет влез за родители, односно за публика, нашата екипа забележа како токму родители влегуваат акредитирани како „тренери“.

Техничкиот организатор на натпреварот, претседателот на ПК Бета Шаркс, Миро Крстевски, ни објасни дека дел од клубовите немале доволно тренери и затоа акредитирале родители како тренери. Се прашуваме дали тие родители имаат лиценца за тренери штом влегуваат како такви на официјален ДРЖАВЕН НАТПРЕВАР.

Што сака да сокрие Филипчев од јавноста?

Ако Филипчев се грижи толку за безбедноста на децата, како што и самиот вели, зарем на натпреварот не треба да присуствува новинар кој ќе известува за почитувањето на протоколите за организирање на пливачки натпревари, а со тоа и за безбедноста на децата во услови на пандемија? Државниот натпревар во пливање е настан од јавен интерес, а не приватна забава на која Филипчев може да одредува кој ќе влезе, а кој не. Со забраната за влез на новинарската екипа на Слободен печат на базенот Борис Трајковски со цел да го следиме натпреварот, да известуваме за него и за почитувањето на протоколите, Филипчев го прекрши членот 16 од Уставот на РСМ, според кој, слободното изразување е уставно загарантирано право во РСМ кое не може никој поединец да го ограничи. Особено што станува збор за тема од исклучително јавен интерес.

Во протоколите за одржување на пливачки натпревари, согласно кои се одржува Зимското национално првенство во пливање, никаде не е објавено дека е забранет влез за новинари.

Фото: Извадок од Протоколот за одржување на пливачки натпревари донесен од НПФМ

 

Фото: Најава за Зимското национално првенство организирано од НПФМ

 

Слободен печат е еден од ретките медиуми во државава кој се интересира за пливањето како спорт и кој редовно известува за пливачките натпревари кои се организираат во нашата држава. На претходни натпревари никогаш не ни бил забранет влез како медиум. Филипчев и Крстевски како организатори на натпреварот се должни на новинар кој се пријавил за следење на натпреварот да му обезбедат место и простор за непречено вршење на својата работна задача.

За ваквиот потег на Филипчев, Слободен печат ќе поднесе претставка до Здружението на новинари (ЗНМ) и до Синдикатот на медиумски работници (ССНМ).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот