Шпанците го кренаа гласот: Европскиот шампион Вардар сè уште им должи пари

EPA/GEORGI LICOVSKI

Ракометарите Жоан Кањељас и Хорхе Македа како и тренерите Раул Гонзалез и Роберто Гарсија Парондо за „Мундо Депортиво“ открија дека Вардар им ги нема испатено сите плати.

Шпанските ракометари но и тренери кои беа дел од европскиот ракометен шампион, за домашните медиуми се пожалија дека Вардар сè уште им должи пари иако некои од нив неколку години не се дел од „црвено-црните“.

Каталонскиот весник „Мундо Депортиво“ ги контактираше Жоан Кањелас, Хорхе Македа како и тренерите Раул Гонзалез и Роберто Гарсија Парондо кои потврдија дека Вардар им ги нема исплатено сите плати .

„Со две титули во последните три години, Вардар Скопје испиша успешна приказна, но нејзините темели исполнети се со долгови, неисплатени средства и неисполнети ветувања“, пишува „Мундо Депортиво“.

– Првата година си ги исполнија обврските, но од втората веќе почнаа да доцнат и на крај стана како снежна топка, која само продолжува да расте. Ни велеа да не се грижиме, но секогаш доцнеа. Имавме трпение повеќе од кого било. Тоа е комплицирано прашање, така што дојдовме до ситуација или да преземеме нешто или сè да остане исто.

Она што ми пречи најмногу е дека тие не ни плаќаат, а ЕХФ не реагира, како што го прават другите спортски федерации. Пасивноста на ЕХФ не фрустрира, бидејќи страдаат играчите и другите клубови: Вардар стана шампион на Европа без да плати. Официјално, ние не сме се пожалиле до ЕХФ, бидејќи се надеваме дека ќе ни биде платено и уште им веруваме, но трпението ни е при крај – зборува Македа.

Другиот Шпанец кој учествуваше во освојувањето на првата европска титула во 2017 година, Жоан Кањелас, открива дека и други ракометари кои повеќе не се дел од Вардар се во иста позиција.

– Вардар должи многу пари, имаме неколку ракометари кои се наоѓаат во иста ситуација. Во Вардар ти плаќаат, колку што тие сакаат. Со години ни ветуваа дека ќе бидеме исплатени, но уште пари немаме видено. Последниот пат ни рекоа дека сè ќе ни биде исплатено до крајот на јануари, но и тој рок е пробиен – открива Кањељас.

И тренерите кои го предводеа Вардар во искачувањето на европскиот ракометен врв, Раул Гонзалез и Роберто Гарсија Парондо, исто така ги немаат добиено парите кои им се ветени според договорот.

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Веруваме на зборот на претседателот, но тој ни нема платено сè што ни должи до денес. Ситуацијата е компликувана, ракометот ги има овие проблеми. Се случи со Вардар, се случувало и во други клубови, кои покривале дупки колку што можеле. Јас сè уште му верувам на зборот на претседателот. Не знам дали ќе ни плати, времето работи против нас, но додека постои Вардар, постои и надеж – вели Раул Гонзалез, кој сега е тренер на францускиот ПСЖ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот