„Сетстат“ во проширен состав ќе настапат на „Крај Вардарот Џез“

Втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“ ќе се одржи на 24 септември, со почеток во 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија.

Настапуваат култните „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез формација. Оваа вечер, публиката ќе има уникатна можност да ги слушне во невидено издание досега, во проширен состав-оркестар.

„Сетстат“ ќе се претстават со специјална селекција на музички материјал од својот тридецениски опус, кој ќе биде наново аранжиран за ваков состав. Ова ќе биде единствен и прв настап од ваков тип поставен во Филхармонија. „Сетстат“ имаат издадено девет студиски албуми, а во очи на фестивалот ќе се појави нивниот нов, 10ти албум, насловен „Соба 107“.

– Ние не сакаме да зборуваме за некаков „јубилеј“. Едноставно не се чувствуваме „престарени“ за оваа работа. Сѐ уште сме деца. Наталоженото искуство од годините, па ако сакате и од децениите, ни дава можност само поинаку да ги гледаме работите. Го завршивме нашиот нов албум „Соба 107“, кој светлината на денот ќе ја дочека вечерва на концертот. Во настапот на „Сетстат“ интегриравме четворица млади македонски џез музичари, кои најдоа свој израз при снимањето на новиот албум „Соба 107“. Многу логично за нас беше да ги поканиме на заеднички настап. Морам да признаам дека енергијата со која тие ни пристапија за нас е исклучително инспиративна – вели Владан Дробицки, лидер на џез-формацијата „Сетстат“.

Во оваа специјална вечер, пред „Сетстат Оркестар“ ќе настапи „Toka Shitet“ (ака Идриз Амети), фронтмен на групата „Blla Blla Blla“ со соло изведба на авторска музика на шаркија.

„Toka Shitet“ е уметничко име на Идриз Амети, кој има четири студиски албуми зад себе. Како соло уметник свири на шаркија (традиционален балкански инструмент). Амети е присутен на музичката сцена од 1986 година и работи со различни бендови и уметници.

Фестивалот „Крај Вардарот Џез“ се организира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, а се реализира со поддршка на Министерството за култура на РС Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот