Серафимов: Алкалоид ќе игра на победа на секој меч
Ракометарите на Алкалоид се повторно во тренажен процес по долгата и успешна сезона и краткиот одмор пред почетокот на новата. Ритамот на подготовките се засилува од ден во ден, а, првата фаза речиси до пола е одработена.
Препорачано
Екипата ќе биде во Скопје уште четири дена, а потоа заминува на Маврово каде што ќе се реализира главниот дел за физичката подготвеност.
За своите очекувања и амбиции за следната сезона зборуваше десниот бек на Алкалоид, Мартин Серафимов, ракометарот со најмногу настапи и најмногу постигнати голови во екипата. Во следната сезона ќе ја има истата улога.
– Имавме напорна сезона, многу важни натпревари особено во финишот на сезоната. Одморивме, сега одново сме во погон. Веќе ни е позната процедурата, знаеме колку се важни подготовките и почнуваме сериозно уште од првиот тренинг. Имаме неколку нови ракометари кои ќе треба да се вклопат во системот, но сите сме овде и да си помогнеме меѓу себе и максимално професионално да ги одработиме подготовките. Имаме големи амбиции сезонава. Домашното првенство ќе биде посилно, се засилија неколку екипи, но Алкалоид е клуб што на секој натпревар игра на победа, без разлика на противникот и така ќе биде и сезонава. Ќе ги напаѓаме сите пехари, целта е секаде да сме конкурентни – вели Серафимов.
Тимот на Кирил Лазаров во квалификациите за пласман во групите на ЕХФ Европската лига ќе игра против Хановер од Германија:
– Добивме тежок противник во квалификациите, најтешкиот од сите екипи што беа во конкуренција. Позната екипа, познати играчи. Ќе мораме добро да се подготвиме. Хановер е фаворит, но нема да се предаваме, наше е да одиграме најдобро што можеме и знаеме и да се бориме до последниот момент – се зборовите на Серафимов.


