Секојдневието на еден гениј: Њујоршката јавна библиотека чува писма на Никола Тесла
Њујоршката јавна библиотека, една од најзначајните светски институции за култура, наука и историја, чува ретки писма на Никола Тесла, кои откриваат детали од секојдневниот живот на славниот српско-американски иноватор. Меѓу најзначајните се шест писма и четири картички потпишани од Тесла, испратени на неговиот пријател, архитекта Стенфорд Вајт, и американскиот инженер Бенџамин Миснер.
Препорачано
Тесла и Вајт се запознале во познатиот Плејерс клуб, каде започнала нивната пријателска преписка. Во писмата до Вајт, Тесла се заблагодарува за неговото интересирање и поддршка и го информира за деталите околу изградбата на Ворденклифската кула и лабораторијата на Лонг Ајленд. Истовремено, во преписката со Миснер, Тесла ја објаснува својата работа на радио-динамика и уреди за далечинско управување, вклучувајќи ги и прототипите на пропелери.
Писмата откриваат и дел од неговото секојдневие – библиотеката на Пета авенија била важна за неговиот истражувачки и аналитички труд, но и место каде можел да најде мир. Близината на Брајант парк му овозможувала да се опушти и да се грижи за своите омилени гулаби. Легендарна е анегдотата од 1917 година, кога Тесла, поканет да прими златна Едисонова медаља, исчезнал од свеченоста и бил пронајден како ги храни голубовите во паркот.
„Тесла ја користеше библиотеката не само за истражување, туку и како засолниште од динамичниот град. Неговата способност да ги анализира трендовите на цивилизацијата и да предвиди идни настани е фасцинантна“, вели Бранимир Јовановиќ, поранешен директор на Музејот Никола Тесла.
Писмата откриваат дека Тесла внимателно ги пресметувал димензиите на кулата и се консултирал со градежни компании како American Bridge и Bethlehem Steel за реализација на проектот.
Библиотеката, основана 1895 година и сместена во импресивната Шварцманова зграда на Пета авенија, чува повеќе од 55 милиони книги, мапи, фотографии, филмови, микрофилмови, ракописи и архивски материјал. Архивата на Тесла, од периодот 1895–1915 година, вклучува писма, картички и белешки кои откриваат негови визии за технологијата, цивилизацијата и моралните предизвици на модерниот свет.
Во едно писмо, Тесла коментира дека иако цивилизацијата се развива брзо, тоа не води кон вистинска култура и образование, туку кон создавање на машини. Тој предупредувал дека ако човештвото продолжи по патот на материјалниот и технолошки напредок без духовен развој, тоа ќе води кон пропаст.
Серијалот „Тесла човекот на иднината“, посветен на 170 години од раѓањето на генијот, ја истражува неговата улога во САД – од Националната куќа на славни изумители, преку Смисонскиот институт и Колумбија универзитетот, до Ворденклифскиот лабораториски комплекс на Лонг Ајленд, прикажувајќи го Тесла како визионер, научник и човек со длабоко разбирање за општеството и технологијата.


