Секој родител има право да му забрани социјални мрежи на детето преку контрола за пристап, вели Андоновски
Сметам дека пречесто ја минимизираме улогата на родителите, а ја максимизираме улогата на државата во неколку аспекти. Прво од аспект дека и во овој момент секој родител има право да му забрани социјални мрежи на своето дете преку контрола на пристап, во исто време контролата на државата од овој аспект е да внимаваме какви телефони продаваат мобилните оператори, рече денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Препорачано
Андоновски имаше обраќање во Клубот за младински прашања и политики, каде се одржа јавна расправа на тема „Влијанието на употребата на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје“.
Тој нагласи дека моментално никој не им забранува на родителите да ја имаат контролата врз мрежите, а притоа, како што рече, можеби ќе било добра иницијатива на родителските здруженија „да воведат секој родител да купи телефон за своето дете којшто нема социјални мрежи бидејќи такви телефони постојат и се продаваат по еден денар во продажба“.
„На тој начин ќе комуницираат со своите родители и нема да можат да користат социјални мрежи. И, третиот аспект е поврзан со големите платформи кои сепак имаат некакви ограничувања, наспроти кинеските платформи коишто немаат никаква заштита на содржини и колку тие ги почитуваат правилата поставени од ЕУ. Во секој случај денешните дискусии се значајни за сите нас“, заклучи Андоновски на јавната расправа.
На настанот, учесниците посочија дека треба постојано да се работи на односот на младите кон социјалните мрежи, кои истовремено помагаат за брз пристап до информации и социјализација, а од друга страна имаат и негативно влијание ако неправилно се користат и предизвикуваат зависност, депресија, анксиозност…
Од Делегацијата на ЕУ информираа дека Унијата во законодавството прави нов Закон за дигитални услуги, кој овозможува поголема безбедност, но и истражува кој ги нарушува законите.
Настанот доаѓа во време кога Австралија го направи првиот чекор и стана пилот-држава што ги исече социјалните мрежи за младите луѓе по 15 години. Обрачот се стега и во други земји, а Македонија моментално е „против“. Тука и властите, и стручните луѓе се на иста линија – избрзана забрана може да донесе контраефект, или да ја ограничи слободата. Истовремено, близу 3.000 граѓани ја потпишаа и петицијата на „Иницијатива за безбедно детство“, составена од родители, наставници и граѓани што бараат системска заштита на малолетниците во дигиталната средина.
Социјалните мрежи знаат да бидат опасни, а избрзаната забрана уште поопасна
Зборувајќи за можната забрана на социјалните мрежи за децата, Андоновски неодамна изјави дека таквиот потег би бил „премногу радикален“ и би значел „мешање на државата во основните права и слободи“.
„Ние минатата година, во рамките на проект, во сите училишта претставивме начин на контрола преку кој родителите може да контролираат кои апликации нивните деца ги имаат на своите телефони и другите уреди, колку време може да поминат со нив и кои содржини смеат или не смеат да ги следат. Сметавме дека ова е начин да ги превенираме опасностите од Интернетот, а контролата да ја задржат родителите, а да не ја преземе државата. Тоа е контролата на алатки што се исклучително приватни. Ги користат родители, деца и би било мешање на државата во домашните работи на секое семејство“, изјави министерот.
Од друга страна, комуникологот Бојан Кордалов во изјава за „Слободен печат“ рече дека родителите не треба да бидат оставени сами, без поддршка во процесот. Особено што денес, посочува тој, двапати им е потешко отколку пред 30-40 или 50 години.
„Денеска родителите ги имаат истите одговорности – за домашно однесување и основни животни вештини, но имаат и улога заеднички со децата да изградат заштита во дигиталниот свет. Тоа е двојна одговорност. Затоа не сметам дека целиот товар треба да падне на нив. Сите сме одговорни како возиме автомобил, нели, но државата има сообраќајни правила, за да направи безбедност за сите. Оттука, улогата на институциите е да бидат поддршка на родителите“, рече Кордалов.


