Секој граѓанин лани создал по 438 килограми отпад
Минатата година во земјава биле собрани вкупно 637.471 тон комунален отпад, што претставува зголемување во однос на претходните години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Истовремено, проценетото вкупно количество создаден комунален отпад изнесува 790.866 тони, што е намалување споредено со претходниот период. Целокупното количество на собран комунален отпад завршило на депонии.
Препорачано
Во просек, секој жител создал по 438 килограми комунален отпад, што е значително намалување во однос на 2023 година, кога просекот изнесувал 503 килограми по жител.
Комуналниот отпад ги опфаќа отпадот од домаќинствата, вклучувајќи масивен отпад, како и сличен отпад од комерцијални и трговски дејности, институции, мали бизниси, дворови и градини, уличен смет и отпад од пазари. Во оваа категорија не влегуваат отпадните води и градежниот отпад.
Податоците од колективните извршители доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека 65 проценти од отпадот од пакувања пуштен на пазарот бил рециклиран. Од вкупно 80.575 тони отпад од пакување, рециклирани биле 52.605 тони.
По видови материјали, највисока стапка на рециклирање е забележана кај хартијата и картонот – 105 проценти, потоа металот со 80 проценти, стаклото со 54,6 проценти, пластиката со 38,9 проценти и дрвото со 38,8 проценти. Во апсолутни бројки, најмногу бил рециклиран отпад од хартија и картон (29.614 тони), а најмалку метал (3.026 тони).
Трошоците за заштита на животната средина во 2024 година достигнале 10,5 милијарди денари, односно 169,4 милиони евра, додека од еколошки даноци во 2023 година биле собрани 12,2 милијарди денари или 196,7 милиони евра.


