Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Седлоски пред ждрепката во Брисел: Да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б

Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија в четврток ќе ги добие противниците за претстојното издание на Лигата на нации во кое нашата селекција за прв пат во историјата ќе биде дел од Б сегментот на ова натпреварување.

Токму овие дуели ќе бидат нов предизвик за оваа генерација на играчи, но и одлична можност за селекторот Гоце Седлоски да ја подготви репрезентацијата за квалификациите за Европското првенство кои почнуваат во 2027 година.

Репрезентациите од првиот и вториот шешир објективно влегуваат како фаворити, со оглед на нивниот рејтинг, искуство и континуитет на големи натпреварувања. Но, тоа не значи дека однапред се знае исходот. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б.

Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани и фокусирани од првата до последната минута, можеме да бидеме незгоден противник за секого. Овој циклус го гледаме како нов чекор за напредок на репрезентацијата и шанса дополнително да го потврдиме нашиот квалитет.

Верувам дека репрезентацијата ќе расте низ циклусот натпревари во Лига Б и дека имаме стабилна основа за позитивни резултати – рече пред жрепката предводникот на националниот тим.

Жрепката ќе се одржи в четврток (12 февруари) во Брисел со почеток од 18.00 часот, Македонија е дел од четвртиот сад во кој се наоѓаат уште селекциите на Шведска, Северна Ирска и Косово.

Статус на носители имаат Шкотска, Унгарија, Полска и Израел, во вториот сад сместени се Швајцарија, Босна и Херцеговина, Австрија и Украина, а во третиот се наоѓаат Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот