Фото: социјални мрежи

Посебни интервентни тимови ќе реагираат на диви животни во населени места

Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамет Хоџа денеска соопшти дека новиот закон за природа е веќе објавен на единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР) и е отворен за јавни коментари. Законот, како што рече Хоџа на денешниот брифинг со новинарите, предвидува воведување интервентни тимови за диви животни и формирање прифатилиште како дел од пошироките мерки за унапредување на заштитата на природата.

„Донесувањето на овој закон има за цел зајакнување на системот за заштита на природата, подобрување на управувањето со природните ресурси, усогласување со европските директиви и исполнување на меѓународните обврски на државата во областа на животната средина и природното наследство“ рече Хоџа.

Тој нагласи дека  во следниот период ќе се одржат најмалку две јавни расправи.

Интервентните тимови за диви животни ќе постапуваат во ситуации кога животни се појавуваат во населени места или во услови на зголемен ризик. Раководителот на секторот за природа Влатко Трпевски објасни дека станува збор за мултидисциплинарни тимови, чија основна цел е навремена реакција и решавање на проблемите на терен.

Постапувањето ќе се врши во согласност со утврдени протоколи, кои ќе обезбедат хуман третман на животните. Предвидено е и формирање прифатилиште.

„За прифатилиштето ќе биде изнајдена локација во соработка со ветеринарниот факултет и ќе бидат потребни речиси 300 илјади евра за основните активности – додаде Трпевски.

Законот опфаќа и низа други механизми, меѓу кои воведување акциски планови за живеалишта, усогласување со европските директиви за живеалишта и на птици, нова категорија геопарк, засилен ренџерски надзор и дигитализација на дозволите.

Во меѓувреме, актуелниот случај со заловеното животно во населбата Козле за кое првично од Зоолошката градина беше кажано дека е волк, а денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштија дека ветеринари допрва ќе утврдуваат за какво животно станува збор, се поставува прашањето кои луѓе ќе работат во тие интервентини тимови и дали ќе имаат соодветно знаење за да разликуваат животни.

Ветеринари од АХВ денеска ќе утврдат дали животното во Козле е волк или куче

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот