фајзер вакцина
Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Се трошат ли непотребно Фајзер-вакцини за втора доза кај прележаните?

Втора доза од вакцините кај прележаните воопшто не е потребна, затоа што не придодава на антителата, односно тие остануваат исти како и по една примена доза, ова е заклучокот на истражувањето на Институтот за имунологија, за тоа колку антитела се создаваат кај луѓе што го прележале коронавирусот и примиле само една доза од вакцината на Фајзер.

Втора доза од вакцините кај прележаните воопшто не е потребна, затоа што не придодава на антителата, односно тие остануваат исти како и по една примена доза, ова е заклучокот на истражувањето на Институтот за имунологија, за тоа колку антитела се создаваат кај луѓе што го прележале коронавирусот и примиле само една доза од вакцината на Фајзер.

Во истражувањето кое за неколку денови ќе биде објавена во престижното медицинско списание со импакт фактор повисок од 10, Allergy and Clinical Immunology, учествувале повеќе од 200 испитаници. Студијата се вика ,,Единечна доза од вакцината на Фајзер предизвикува силен хуморален имунитет кај луѓе со помината инфекција од ковид”.

Директорот на Институтот за имунологија, д-р Александар Петличковски, за „Слободен печат“ вели дека во студијата се опфатени 248 лица. Од нив 40 ја поминале ковид-болеста и примиле две дози на вакцина од Фајзер. Другите не заболеле од ковид-19, а примиле со две дози од вакцината.

– Во трудот правиме споредба дека оние што имаат поминато болест и добиле една вакцина, постигнуваат највисоко ниво на имунитет. Втората вакцина кај нив не додава во концентрацијата на антитела. Не е само нашиот труд, има и други што го покажуваат истото. Во цел свет е тој ставот. Тој што поминал болест, му треба една доза вакцина – вели доктор Петличковски.

Според нашите сознанија, четири месеци на Комитетот за имунизација се дискутира на оваа тема, но тешко оди промената на препораката за имунизација која во моментов, а таа е – сите да се вакцинираат со две дози. Проблемот неофицијално, бил во тоа што Комитетот не знае како да се издава сертификат за вакцинација за луѓе со една примена доза вакцина од Фајзер, иако во медицинските кругови е веќе одамна познато дека втората фајзерова доза кај прележаните не прави разлика во имунитетот, а сега тоа и со студија е потврдено во земјава.

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Никола Пановски со месеци апелира дека прележаните не треба да се вакцинираат со две дози, туку со една.

,,Јас сум воопшто против сертификати. Прележаните не треба да се вакцинираат, а ако се вакцинираат треба да се вакцинираат со една доза. Властите тоа го имаат чуено повеќе пати и преку медиумите и преку социјалните мрежи. Значи мислењата и препораките се дадени одамна, но не се прифатени од власта. СЗО рекле прележаните да се носат на вакцина по еден месец. Може да имате антитела до плафон, ама ако не се од вакцина, џабе е. Ако не биле високи, со првата доза одат високо. Не вреди, морало втора доза да се добиел аусвајсот!? Во исто време, добар број вакцинирани немаат антитела, очигледно можат да го шират вирусот, но пусулче ќе добијат“, вели доктор Пановски.

На Институтот за имунологија во моментов тече и истражување за вакцинираните граѓани со „Синовак“ во земјава. Досега се пријавиле 50 граѓани чии антитела се мереле пред вакцинацијата, пред втората примена доза и после втората примена доза.

– Имаме резултати за 30 лица од тие 50 вакцинирани со Синовак. По првата вакцина кај 90 проценти од нив има антитела. Кај тие што нема, ќе ја почекаме втората доза и можеби ќе се појави. Првичните резултати се солидни во моментот за Синовак, ама на само 50 луѓе не може да се носат конечни заклучоци. Мора да се дојде до бројка од над 200 луѓе – вели доктор Петличковски.

Институтот за имунологија ги повикува граѓаните кои се невакцинирани, а кои ќе се вакцинираат со Синовак, да земат учество во истражувањето на антителата. Потребни се само уште 150 луѓе кои треба да дојдат на Институтот да се пријават пред вакцинацијата за да се знае од кое ниво на антитела тргнале. Потоа ќе им се мери нивото на антитела пред втората доза од вакцината Синовак и по втората доза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот