Се тресеше гората, се роди глушец – и ВМРО-ДПМНЕ „нежна“ кон функционерите-криминалци
По толку мислење, дебати и најави, партијата на власт под плаштот на високи казни за брзо возење, трајно одземање возило, семејното насилство да се гони по службена должност, се протнуваат измени во Кривичниот законик во членовите со кои треба да се гонат функционерите со нешто повисоки казни од контроверзниот КЗ од 2023 година, но далеку поблаги споредени со тие од стариот кривичен законик, каде што имаше казни без горна граница.
По една и пол година силни најави од премиерот Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја исправи грешката на СДСМ и ДУИ и ќе ги врати казните за високите функционери, деветмина пратеници конечно до Собранието поднесоа измени на Кривичниот законик (КЗ) кои, сепак, не ги вратија старите строги казни и подолгиот рок за застарување.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
По толку мислење, дебати и најави, ВМРО-ДПМНЕ под плаштот на високи казни за брзо возење, казни со трајно одземање на возилото и одење во затвор, член што предвидува семејното насилство да се гони по службена должност и нема да се чека пријава од жртвата, протнува измени во КЗ во членовите со кои треба да се гонат функционерите со нешто повисоки казни од контроверзниот Законик усвоен во 2023 година, но далеку поблаги споредени со тие од стариот кривичен законик, каде имаше казни без горна граница, односно без пропишан максимум. Па за максимум се сметаат 20 години, а делата застаруваат за 40 години.
Иако е вратен ставот пет – за злоупотреби на јавни набавки – сепак, во предлогот сега тој е поблаг од оној во стариот кривичен законик, каде што за злоупотреби при јавни набавки се предвидуваше казна од најмалку пет години. Овој член во КЗ, кој важеше со години, пред 2023 година гласеше: „Ако делото од сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

Ги нема органите на управата, министрите нема да се гонат
По овој член се гонеа најголем број од функционерите, а сега со новите измени, максималната затворска казна е десет години. За разлика од порано кога членот беше поопшт, сега е прецизирано дека ќе се гонат само функционерите што спровеле набавка без тендер или ако го смени договорот откако ќе биде склучен, но не и ако ја „местат“ техничката спецификација или фаворизираат одредена фирма.
– Службено лице или одговорно лице кое спротивно на закон набави стока, услуги или работи без да спроведе постапка за јавна набавка во случаите кога било должно да ја спроведе или да направи измени на договорот за јавна набавка или на рамковната спогодба за време на нивната важност спротивно на закон над законски утврдениот вредносен праг, ќе се казни со затвор од една до осум години, а доколку со делото од овој став е прибавена имотна корист од големи размери или е причинета имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од четири до десет години – пишува во долгонајавуваните измени.
Така, во новите измени остануваат горните граници, а казните затвор за функционерите каде не беше предвидена максимална затворска казна и тешко застаруваа, веќе ги нема.
Казната затвор – најмалку три години – ја нема и за делото „несовесно работење во службата“.
Прв потпишан на измените на Кривичниот законик е пратеникот Бојан Стојаноски, кој вели дека неколку месеци ги спремале измените со експерти и дека со нив се заострувала казнената политика за функционерите, но со кои експерти – не кажа. Сепак, најави дека освен овие измени со кои се испочитува последниот рок што го даде Уставниот суд, следната година во собраниска процедура ќе влезе и целосно новиот Кривичен кој се подготвува со години.
Реакции за измените што треба да бидат ставени на собраниска седница речиси и да немаше.
Замајување на јавноста
Единствена беше реакцијата на пратеничката од ЛДП Моника Зајкова, која измените ги нарече „замајување“ на јавноста.
– Па, нели се ветуваше целосно нов Кривичен закон? Ова можеше да се направи уште лани, во септември. Што беше пречка?!? Наместо европски напредок и реформа добивме враќање во времето на Маневски (поранешен министер за правда Михајло Маневски – н.з.). Една и пол година замајување на јавноста со изговорот „чекаме нов закон“. Кому му одговараше статус кво состојбата додека кривичните дела си застаруваа едно по едно? И што добиваме?!? Слични одредби, исти проблеми. Застарувањето повторно ќе биде алиби за неказнивост, широките описи на квалификацијата на делата, можности за политички прогон, особено кога Обвинителството и судството функционираат по принцип „разреши“ и замени со свои луѓе. Или зголемување на роковите за застареност, или престанете да ја навредувате интелигенцијата на граѓаните. Со овие одредби, делата повторно ќе застаруваат. Ако не знаете како, Ви го даваме нашиот предлог, слободно поднесете/поддржете го! – напиша Зајкова.
Во последниот извештај на Европската комисија пишува дека Кривичниот законик треба да се смени, а истото го порача и евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас.
– Последиците од измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, недостигот на соодветни човечки и финансиски ресурси и доцнењата во судските постапки го попречуваат воспоставувањето на цврст резултат во антикорупциските случаи, вклучително и оние на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Ова дополнително придонесува за чувство на неказнивост. Слабата судска транспарентност и обвинителската ефикасност продолжуваат да ја попречуваат ефективноста и интегритетот на постапките во случаите на корупција на високо ниво – порачуваат од ЕК.


