РЕК Битола Фото: „Слободен печат“, Весна Дамчевска

Се претвора ли РЕК Битола во „мазутарница“?

Експертите се согласни дека без мазут, нема да може да се користат термоелектраните. Најчесто се користи за потпалување на котлите, поддршка и стабилизација на согорувањето доколку јагленот е со променлив квалитет, има висока влажност или помала калорична вредност.

Снабдувањето со мазут од државните резерви за да може РЕК Битола да произведува електрична енергија, по кој знае кој пат го отвори прашањето за недостигот на квалитетниот јаглен, за неговиот увоз, за одброените денови на најголемиот енергетски капацитет во државата… Колкави количини мазут се неопходни на месечно ниво за производствениот процес на РЕК Битола, од ЕСМ не добивме прецизен одговор. Од Регулаторната комисија за енергетика, пак, велат дека во годините кога имало квалитетен јаглен, учеството на мазутот било мало. Експертите се согласни дека без мазут, нема да може да се користат термоелектраните.

Од ЕСМ за „Слободен печат“ објаснуваат дека мазутот е секундарно гориво што се употребува во одредени фази од процесот на производство на електрична енергија од термоелектраните.

– Најчесто се користи за потпалување на котлите, поддршка и стабилизација на согорувањето доколку јагленот е со променлив квалитет, има висока влажност или помала калорична вредност. Оттука, количините што се користат се променливи на дневно ниво. Има периоди од процесот на производство и денови кога мазутот воопшто нема потреба да се користи – велат од ЕСМ.

Од ЕСМ тврдат дека тие имаат резерви на мазут, односно дека и без набавката од државните резерви, нивниот склад не е празен.

– Во складот на РЕК Битола има резерви што редовно се надополнуваат, иако дотурот во изминатиот период е отежнат поради блокадите на јужната граница. Последниот договор е склучен со фирмата Пертинакс ДОО на 22 декември, врз основа на Јавен повик објавен на 5 декември – велат од ЕСМ.

Набавката со мазут, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, е проблем со кој се соочуваат и други држави во Европа, не само поради актуелната состојба со блокадите од Грција.

– Голем број рафинерии што произведуваа мазут, не го произведуваат поради тоа што од еколошка гледна точка се смета за гориво што загадува. Затоа, во последните седум-осум години тешко оди снабдувањето со мазут. Овој енергенс се користи во технолошкиот процес во термоелектраната во Битола и во ТЕЦ „Осломеј“, за производство на електрична енергија. Имајќи предвид дека јагленот што го имаме е со полош квалитет, а јаглен и се увезува, во самиот технолошки процес техниката е вообичаено користење на повеќе мазут. Во годините кога сме ископувале квалитетен јаглен, апсолутно потрошувачката на мазут е мала. Сега, за да произведуваат термоелектраните, мора да се користи мазут – вели Бислимоски.

Од ЕСМ велат дека во изминатиот период РЕК Битола е главно потпрен на јагленот што се ископува од постојните рудници ПЈС Суводол и Брод Гнеотино.

– Според склучени договори врз основа на Јавен повик, јаглен за потребите на РЕК Битола се носи и од соседна Грција, но поради протестите на грчките земјоделци, и овој енергент се транспортира со намалена динамика – изјавија од ЕСМ.

Оттаму велат дека во моментов работи и ТЕ Осломеј, и во зависност од потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН хоум, се очекува да испорачува електрична енергија во одредени периоди во текот на зимата.

Владата прогласи кризна состојба во енергетиката за да може да ослободи мазут од државните резерви. Од Министерството за енергетика информираа дека во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, резервите со мазут се 10.500 тони, а вкупните резерви на дизел, петрол и мазут се за покривање на 47 дена.

– Нема да има никаква криза, за граѓаните тоа нема да значи ништо бидејќи државата има резерви на мазут. Во услови кога има протести во Грција повеќе од 30 дена и кога нема можност за соодветно набавување на мазутот, ЕСМ ќе се снабдува од државните резерви. Постои мазут во државата, ако не го земат од Грција, ќе го земат од резервите – рече министерката за енергетика Сања Божиновска, одговорајќи на новинарско прашање дали има проблем со набавка на мазут.

По прогласување кризна состојба во времетраење од седум дена, Бугарија ѝ понуди помош на Македонија во снабдувањето со мазут. Деновиве, пак, Министерството за надворешни работи ја потврди веста од Софија дека министрите за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, разговарале околу проблемите со мазутот што ги има Македонија, како и дека нашата земја ја одбила понудената помош од соседната земја, затоа што нема потреба односно дека мазут имаме доволно.

Македонија е на добар пат во зелената енергетска транзиција, но неопходна ѝ е и стабилна енергија што не зависи ниту од сонцето, ниту од водата, ниту од ветерот. Добрата вест, како што велат и од Министерството за енергетика и од Регулаторната комисија за енергетика, е што веќе се издаваат лиценци за батериски системи и што има интерес за нив. Енергетските експерти се сложни дека РЕК Битола ќе ни биде неопходен сè додека не се направат нови капацитети – трансформација на дел од РЕК Битола на гас, како и изградба на уште две когенеративни централи, каква што е ТЕ-ТО, од кои покрај електрична енергија ќе добиваме и парно греење. Државата ќе гради три фотонапонски електроцентрали Битола 1, 2 и 3 со кои се очекува да се добие зголемување на инсталираната моќност од обновливи извори на енергија од најмалку 180 мегавати. За тоа ќе се задолжи во ЕБОР со 37 милиони евра и во Германската развојна банка КФВ со 50 милиони евра. Колку за споредба, вкупната моќност на трите блока на РЕК Битола е 700 мегавати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот