Фотомонтажа: Слободен печат / Елисавета Бејкова

Се готви ли бугарска манџа во македонско тенџере?

Изјавата дека Заедничката историска комисија меѓу Македонија и Бугарија редовно одржува средби отвори нова расправа за транспарентноста на процесот и за можноста прашањето за Бугарите во Уставот повторно да влезе во политичка процедура до јуни. СДСМ бара одговори за тоа што се разговара зад затворени врати, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла обвинувањата како манипулација, додека експертите оценуаат дека без гаранции нема реални шанси за брза промена на македонскиот став.

Прашањето за работата на Заедничката историска комисија меѓу Македонија и Бугарија повторно влезе во политичкиот фокус, откако СДСМ обвини дека јавноста не била информирана за нејзините средби, а ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата и ја обвини опозицијата за политичка манипулација.

Повод за реакцијата на СДСМ беше изјавата на заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски дека Комисијата редовно одржува средби.

Од опозициската партија прашаа зошто граѓаните не биле информирани за тие активности.

-Како е можно Комисијата да се состанува две години, а тоа да се крие од граѓаните? – прашуваат од СДСМ.

Тајни состаноци

Според СДСМ, нетранспарентноста околу работата на Комисијата отвора сомнежи дека средбите може да бидат поврзани со поширок политички процес, меѓу другото и со прашањето за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот.

Од партијата го доведуваат во прашање и кредибилитетот на премиерот Христијан Мицкоски, потсетувајќи на неговите претходни изјави дека нема да има отстапки по ова прашање.

Според СДСМ, најавите дека во јуни ќе се решаваат клучни прашања може да се толкуваат како промена на досегашната позиција.

-Ако Мицкоски тврди дека во јуни ќе ги реши клучните прашања, тоа значи дека се подготвува да го направи токму она што го негираше – наведуваат од партијата.

СДСМ истакнува дека нивниот став останува непроменет: внесување на малцинствата во Уставот како услов за продолжување на евроинтегративниот процес.

Од партијата се повикуваат и на пораките од Европската Унија, за кои велат дека укажуваат дека без уставни измени нема напредок во процесот на интеграција.

Политички опортунизам

ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрли обвинувањата на опозицијата и ја обвини СДСМ дека нема јасен концепт и стратегија во однос на европската агенда.

Во реакцијата, владејачката партија не соопшти дополнителни детали за активностите на Комисијата на кои се повикува СДСМ, туку оцени дека опозицијата ја користи темата за политички цели.

-Европската реторика на СДСМ е без правец и без стратегија, а зад неа стои политички опортунизам – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на Христијан Мицкоски дополнително тврдат дека СДСМ шири дезинформации, вклучително и за европските финансиски програми, и дека намерно создава паника кај јавноста.

-Дека СДСМ и Венко Филипче не се доследни и немаат стартегија и план за сопствената партија и државата, говори и фактот што Филипче е спремен на секакви отстапки само за да дојде на власт. Филипче тоне во сервилност без крај исто како и неговиот ментор Зоран Заев и е спремен да ги распродаде националните интереси само да ја зачува фотелјата на Бихаќка. СДСМ и Филипче само декларативно се залагаат за Европа, додека во пракса водат политика според приликите и личните лукративни цели – одговори ВМРО-ДПМНЕ.

Многу прашања, малку одговори

Прашањето за работата на Комисијата се отвора во период кога уставните измени остануваат едно од главните политички прашања поврзани со продолжувањето на евроинтегративниот процес.

Внесувањето на Бугарите во Уставот е дел од обврските што се поврзуваат со продолжување на патот на земјата кон Европската Унија, додека ВМРО-ДПМНЕ досега настапуваше со став дека таков чекор не може да се направи без гаранции.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во изјава за „Слободен печат“ оценува дека во моментов не очекува промена на ставот за внесување на Бугарите во Уставот без претходно обезбедени гаранции.

-Реално нема да има никакви промени поврзани со внесување на Бугарите во Уставот сè додека не се добијат гаранции. Според мене, не постојат ама баш никакви шанси да се промени ставот на Македонија, и плус со блокадата на адвокатот Тони Менкиновски дополнително се влошуваат состојбите. Според мене, ќе се чекаат промени внатре во ЕУ поврзано со начинот на гласање и носење на одлуки, па потоа ќе се решава тој статус. Сега, дополнително со светската турбуленција, не е момент за носење на какви било одлуки кои можат да имаат долгорочни последици – вели Пекевски.

Според оваа оценка, можноста до јуни да се случи промена во однос на уставните измени зависи од евентуални гаранции, од внатрешните процеси во Европската Унија и од политичката проценка на власта.

Засега остануваат отворени прашањата дали средбите на Заедничката историска комисија се одвивале како редовна експертска работа или станува збор за процес за кој јавноста требало да биде подетално информирана. Исто така, останува нејасно дали најавите за решавање на клучни прашања во јуни ќе се однесуваат на реформски процеси, на евроинтегративната агенда или на прашањето за уставните измени.

Нема да правиме уставни измени без јасни гаранции и предвидливост на патот кон ЕУ, вели Муцунски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот