СДСМ открива: Фирма без историја, со двајца вработени добива 9 милиони евра на владини тендери
Опозициската СДСМ отвори скандал за кој нагласи дека е „првиот од серијата скандали за криминалот на Владата на Мицкоски“.
Препорачано
-Фирмата „Дигитал оне“, формирана на крај на август лани, со само двајца работници за една година има добиено тендери од скоро девет милиони евра, народни пари, изјави денеска на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Според него сите овие тендери се со владини и државни институции во период од мај 2025 до денес ноември 2025.
-Фирма без историја, без искуство, без портфолио – регистрирана за трговија со информатичка и комуникациска опрема добива речиси 9 милиони евра за само 6 месеци. Или по 1,5 милиони евра месечно. Основана е од извесен Кристијан Арсовски и има само двајца вработени. Да, добро слушнавте, 2 вработени, со речиси 9 милиони евра добиени пари од граѓаните. Од шест државни тендери, дури четири се со Генералниот секретаријат на Владата на Мицкоски. И тоа не било какви тендери туку милионски договори. Последниот договор е рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа во вредност од 8 милиони евра – нагласи Димитријевиќ.
СДСМ прашува како е можно за толку кратко време фирма со двајца вработени да добијат речиси 9 милиони евра?
-Ако ова не е класична шема за испумпување на парите на граѓаните преку фирми блиски до власта тогаш што е? И секако, едно од прашањата е дали Кристијан е во роднински врски со поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Димса Арсовски? – нагласи Димитријевиќ.
Опозицијата го повика Јавното обвинителство, Финансиската полиција и ДКСК веднаш да регираат, да отворат истрага.
-Ова е истиот криминален систем, истата криминална шема на Никола Груевски кој 11 години ја ограбуваше Македонија и 2 милијарди евра се испумпаа од граѓаните, за што целата јавност слушна во бомбите. Мицкоски е само негов ученик и извршител. Предпредуваме, инситуциите да делуваат и да преземат мерки согласно законот, одговорност мора да има ќе има, кога тогаш! За сите! Крадењето мора да престане, веднаш! – повика Димитријевиќ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак потсетуваат на скандалот со стоковите резерви во кој наводно се вмешани високи функционери на СДСМ.

-Во ек на глобална криза, во периодот од 2019-2021 година, СДС наместо да ги снабдува стоковите резерви, Заев, Филипче и Николовски ги празнеле и препродавале, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Викторија Андоновска.
-2000 тони јачмен и пченица во државна вредност од 800.000 евра биле отпишани од залихите, по насока на истото трио, додека на граѓаните им велеа – се е под контрола. За да не се примети кусокот од 2000 тони јачмен и пченица, тие веднаш потоа прават 2 тендери со една соседна држава за 20.000 тони пченица и јачмен за да ги пополнат дупките во залихите. Со овие два тендера, Заев, Филипче и Николовски сметале дека ќе се покријат недостатоците во стоковите резерви, а јавноста истото ќе го заборави. 800.000 евра пари на граѓаните завршиле во џебовите на Заев, Филипче и Николовски, а 2000 тони јачмен и пченица, на црн пазар во друга држава, нагласи Андоновска.
Според неа, СДСМ „наместо оградување и дистанцирање и натаму ги штити своите криминалци“.


