Савана Гатри / Фото: Скриншот/Инстаграм

Савана Гатри со нов апел за исчезнатата мајка: „Никогаш не е доцна да ја направите вистинската работа“

Американската телевизиска водителка Савана Гатри упати нов емотивен апел за ослободување на нејзината 84-годишна мајка Ненси Гатри, која исчезна пред две недели. Во видеопорака, таа им се обрати на „оние што ја држат или знаат каде се наоѓа“, нагласувајќи дека семејството сè уште се надева, пренесе Би-би-си.

„Никогаш не е доцна да ја направите вистинската работа“, порача Гатри.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Savannah Guthrie (@savannahguthrie)


Апелот доаѓа во момент кога истражителите анализираат ДНК траги пронајдени на ракавица што беше откриена во поле покрај пат, на околу три километри од домот на Ненси Гатри во Тусон, Аризона. Според ФБИ, ракавицата најверојатно одговара на онаа што ја носел осомничен маж снимен од камера на влезната врата во ноќта кога таа исчезнала.

Властите веруваат дека мажот од видеото ја киднапирал Ненси во раните утрински часови на 1 февруари. Од ФБИ соопштија дека биле собрани околу 16 ракавици од различни локации во близина на куќата, но повеќето се покажале како фрлени од луѓе кои учествувале во потрагата.

„Ракавица со ДНК профил се издвојува и се чини дека одговара на ракавиците на лицето од видеото“, наведоа од агенцијата.

Прелиминарните резултати се добиени, но се чека официјална потврда пред непознатиот машки профил да биде внесен во базата на податоци.

Претходно неделава, истражителите објавија снимка од ѕвонче камера на која се гледа маскиран маж со ракавици и ранец. На видеото тој се обидува да ја покрие камерата, а потоа со гранки го блокира погледот.

Форензичката анализа укажува дека осомничениот е висок меѓу 175 и 177 сантиметри и има просечна градба. ФБИ го идентификуваше и ранецот како модел „Озарк Трејл Хајкер Пак“ од 25 литри.

Ненси Гатри последен пат била видена на 31 јануари, кога член на семејството ја оставил пред нејзиниот дом по семејна средба. Нејзиното отсуство било забележано следниот ден од членови на нејзината црква.

Во потрагата учествуваат стотици полицајци, хеликоптери и службени кучиња, а властите примиле илјадници дојави. Поради нејзината здравствена состојба и потребата од терапија, службите предупредуваат дека може да биде во сериозна опасност.

ФБИ ја зголеми наградата за информации што ќе доведат до нејзино пронаоѓање од 50.000 на 100.000 долари.

Исчезна мајката на позната американска водителка, полицијата се сомнева дека е киднапирана

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот