Исчезна мајката на позната американска водителка, полицијата се сомнева дека е киднапирана
Ненси Гатри, 84-годишната мајка на популарната американска ТВ личност Савана Гатри, исчезна од својот дом во областа Тусон, а полицијата се сомнева дека е киднапирана.
Препорачано
Нејзината друга ќерка, Ени Гатри, вечерала со неа во саботата навечер кратко пред да исчезне, што ја стеснила временската рамка за истражителите, изјавил шерифот на округот Пима, Крис Нанос, пренесува „Хафпост“.
Шерифот Нанос објасни дека фактот што Ени Гатри веројатно била последната личност што ја видела својата мајка им дава јасна почетна точка.

– Семејството ја одвезло дома од вечера помеѓу 21:30 и 21:45 часот. Така можеме да ја фокусираме нашата истрага на тој временски период, враќајќи се на 20:30 или 21:00 часот – рекол тој.
Според него, Ени Гатри не забележала ништо необично или сомнително во однесувањето на нејзината мајка за време на заедничката вечера.
Семејството пријавило дека 84-годишната жена исчезнала околу 11 часот наутро во недела, а полицијата била повикана во 12:15 часот. Тогаш Нанос утврдил дека Ненси Гатри исчезнала некаде помеѓу 21:30 часот во сабота и 11 часот наутро во недела.
Откако изразил „сериозна загриженост“ по претресот на нејзиниот дом во недела, шерифот во понеделник изјавил дека верува оти таа е киднапирана.
– Зборуваме за 84-годишна жена која била киднапирана од сопствениот дом, додека спиела. Ова никогаш не требало да се случи – рекол Нанос.
Извори блиски до истрагата за „Лос Анџелес Тајмс“ изјавиле дека во домот се пронајдени траги од крв, што предизвикува сомнежи дека Ненси е жртва на кривично дело. Сè уште не е познато чија крв била. Истите извори велат дека имало и знаци на насилно влегување во домот.
Шерифот на округот Пима потврдил дека истражителите собрале примероци од местото на настанот.
– Собравме примероци и се надеваме дека ќе можеме да извлечеме ДНК профил од нив што ќе ни помогне да го идентификуваме лицето што го бараме. Ова е трка со времето и се надевам дека не е предоцна – рекол шерифот Нанос.
Во меѓувреме, водителката Савана Гатри во понеделник објави соопштение во кое ја замолува јавноста да се моли за безбедно враќање на нејзината мајка.
Савана Гатри е американска новинарка и телевизиска водителка, најпозната како главна ко-водителка на утринската програма „Денес“ на „Ен-би-си“. Родена е на 27 декември 1971 година во Мелбурн, Австралија, и израсната во САД. Дипломирала новинарство на Универзитетот во Аризона, а подоцна дипломирала право на Универзитетот Џорџтаун.

Својата кариера ја започнала како локален новинар и се приклучила на „Ен-би-си“ во 2007 година. Покрај новинарството, таа е авторка на неколку книги, вклучувајќи детски и инспиративни наслови.


