Сарач остро кон Спасовски: Иселениците во Турција да добијат македонски државјанства или оставка

Лидерот на Движењето за национално единство на Турците, Ердоган Сарач, вели дека огромен број македонски иселеници во Турција цела година чекаат да добијат македонско државјанство, но сè уште немаат одговор на своите апликации.

Сарач вели дека нашинците масовно почнале да собираат документација во март 2022, охрабрени од донесувањето на Законот за државјанство, кој отвори можност за стекнување државјанство и на нашите иселеници во Турција, иако, како што вели, бил донесен „поради мир во куќата на барање од албанската опозиција“.

„Овој закон, иако наменет за Албанците во земјата, предизвика големо задоволство и кај нашите сонародници, иселеници од Македонија во Туркије. По влегувањето на сила на овој закон, огромен број иселеници од Македонија во Туркије започнаа постапка за стекнување на државјанство на Македонија согласно со законот. Потрошија многу време и дадоа многу пари за адвокати, нотари, наши институции, матични служби и преведувачи и обезбедија документација согласно на гореспоменатиот закон“, рече Сарач на прес-конференција.

Тој посочи дека нашинците уште повеќе биле охрабрени по средбата со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој во мај лани бил во Маниса, каде што остварил многу средби со наши здруженија на иселници од Македонија и ги повикал масовно да аплицираат, ветувајќи им дека брзо ќе постапуваат за издавање на државјанство на Македонија.

„Помина скоро една година од вашата неискрена посета. Нашите иселеници, нашите здруженија отворено се сомневаат во вашата искреност и прашуваат: колкав е бројот на лицата кои аплицирале, колку наши иселеници од Туркије имаат примено македонско државјанство заедно со список на лица кои добиле државјанство по овој закон и уште колку време треба да чекаат за каков било одговор на нивните апликацији во Амбасадата, Генералниот конзулат во Туркије и во одделенијата за внатрешни работи на Македонија“, му се обрати Сарач на Спасовски, во име на иселениците во Истанбул, Бурса, Измир, Маниса, Анкара, Ескишехир, Кутахја и други градови.

Тој вели дека интересот е голем, што го потврдуваат и информациите од Генералниот конзулат во Истанбул дека до крајот на 2023 година, сите закажани термини за апликација за државјанство се пополнети и други термини нема.

Сарач јавно побара од министерот за внатрешни работи, „како одговорен функционер, да го почитува законот без селективен пристап, да го одржи дадениот збор и веднаш да излезе во пресрет на барањата, во спротивно побара оставка како чин на одговорност за измама и неодржување на даден збор“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот