„Сапорт Кочани“ за луѓето погодени од пожарот набави медицински препарати вредни над милион денари
Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ преку социјалните мрежи информираше дека со дел од преостанатите средства од донациите набавиле медицински креми за третман и нега на луѓето погодени од пожарот во Кочани, во вкупна вредност од 1.023.871 денари.
Препорачано
Во рамки на набавката, обезбедени се креми наменети за заштита, регенерација и подобрување на состојбата на кожата кај лицата со изгореници, информираа оттаму преку видеообраќање.
Од иницијативата рекоа дека набавката е направена во директна комуникација со засегнатите лица, според нивните реални потреби, со цел да се обезбеди соодветна и навремена поддршка во процесот на закрепнување.
Средствата за набавката се обезбедени преку донации од граѓани и компании, а дел од процесот е реализиран со поддршка од аптеките кои овозможиле значителен попуст.
Лицата на кои им се потребни овие препарати ќе можат да ги подигнат од младинскиот центар „Гнездо“ во Кочани.
„Оваа поддршка претставува уште еден доказ дека солидарноста и заедништвото имаат вистинска сила кога се најпотребни. ‘Сапорт Кочани’ останува посветена на помош и грижа за сите засегнати, сè додека постои потреба“, посочија оттаму.
Иницијативата „Сапорт Кочани“ постои веќе една година, а за „Слободен печат“ неодамна рекоа дека преку нивната волонтерска платформа беа реализирани три распределби со вкупен износ од 22.742.999 денари директна финансиска помош. Дополнително, биле обезбедени четири пратки специјално изработена компресивна облека во вкупна вредност од 3.852.844 денари, како и хипербарична комора. Според презентираните податоци, од средствата биле одземени 2.274.285 денари за данок кон државата.
Kако што сведочea, ниту еднаш не ги посетил државниот врв, додека од друга страна, пак, не може да се доброи на колку амбасадори биле домаќини во Кочани, од кои добиле целосна поддршка за сите волонтерски дела.
ВИДЕО | Една година „Сапорт Кочани“: Што уште треба за државниот врв да го препознае нивниот труд?


