Томи Димитријев, Иван Иван Ивановски и Марко Димитријев, дел од волонтерите во „Сапорт Кочани“
Томи Димитријев, Иван Иван Ивановски и Марко Димитријев, дел од волонтерите во „Сапорт Кочани“

ВИДЕО | Една година „Сапорт Кочани“: Што уште треба за државниот врв да го препознае нивниот труд?

Една година по трагедијата во Кочани, се сретнавме и разговаравме со луѓето од граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“, волонтери кои во клучен момент се самосоздадоа и помогнаа на сите засегнати од пожарот во „Пулс“. До овој момент, се чини дека овие млади, инспиративни луѓе се препознаени од народот и речиси сите амбасади, но не и од локалната и државната власт.

На одбележувањето од годишнината на трагедијата, „Сапорт Кочани“ единствено добија благодарница од Општината Кочани за нивните заслуги, а не беа ниту еднаш спомнати во говорот на премиерот Христијан Мицкоски на Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани, која се одржа на 14 март 2026 година.

До овој момент, како што сведочат, ниту еднаш не ги посетил државниот врв, додека од друга страна, пак, не може да се доброи на колку амбасадори биле домаќини во Кочани, од кои добиле целосна поддршка за сите волонтерски дела.

За потсетување, преку нивната волонтерска граѓанска платформа реализирани се три распределби со вкупен износ од 22.742.999 денари директна финансиска помош. Дополнително, биле обезбедени четири пратки специјално изработена компресивна облека во вкупна вредност од 3.852.844 денари, како и хипербарична комора. Според презентираните податоци, од средствата биле одземени 2.274.285 денари за данок кон државата. Вкупната обезбедена помош изнесува 26.595.843 денари, односно приближно 432.452 евра, а ако се пресмета и даночниот износ, вкупниот тек на средства достигнува 28.870.128 денари, односно околу 469.433 евра. Тука не вклучени парите што граѓаните ги донираа директно на сметките на сите засегнати од трагедијата.

Погледнете го целото видеосведоштво:

 

Во разговорот за „Слободен печат“, директното сведоштво од внатрешноста на дискотеката „Пулс“ на кобниот 16 март, го дава Александар Николов, кој раскажува дека во првите секунди многумина мислеле оти пламенот на таванот е дел од сценски ефект. Но, кога видел дека самиот газда Деко го гаси пожарот со противпожарен апарат, сфатил дека ситуацијата е сериозна. Успеал да излезе, а зад него веќе почнувало стампедото.

Потоа, како што вели, повторно се вратил за да помогне во извлекувањето луѓе, додека околу нив владееле, како што опишува, општ хаос и паника. Неговото сведоштво ја враќа трагедијата во најсуровата човечка димензија – миг во кој животот и смртта се разделуваат за неколку секунди. Александар вели дека волонтирањето во „Сапорт Кочани“ му помогнало побрзо да ја совлада траумата од трагедијата.

Создавањето на „Сапорт Кочани“

Но видеото не застанува во ноќта на трагедијата. Напротив, јадрото е во приказната за денот потоа – за градот кој остана без јасни информации, без кризна комуникација и без чувство дека некој ја држи ситуацијата под контрола. Иван Ивановски, главниот иницијатор на оваа граѓанска иницијатива, раскажува како во исто време добивале три различни информации за ист човек – дека е во Штип, во Скопје, па дури и во странство, а официјален систем за проверка и координација речиси и да немало.

– Никој не излезе од институциите да направи еден кризен штаб и да ги канализираат барем информациите – сведочи Ивановски.

Во празнината помеѓу болката и отсуството на официјални информации, се родила потребата за создавањето систем кој би им олеснил на сите засегнати да дојдат до пари, поддршка и неопходни информации.

Од сведоштвата на Иван, Марко, Томи и Александар, станува јасно дека нивната иницијатива произлегла поради итна човечка потреба. Во Кочани, градот кој изгуби најмногу млади луѓе во поновата македонска историја, сè почесто гледале родители чии деца биле пренесени на лекување во странство и барале пари на заем за да заминат кај нив. Блиски на засегнатите преку огласи и објави на социјалните мрежи продавале возила и позајмувале пари за да го издржат првиот удар.

Кога една мајка побарала заем од Иван, тој ѝ ја отстапил неговата кредитна картичка и ѝ рекол да не му ги враќа парите. Набрзо добил повик од сопругата, која му соопштила дека и други луѓе имаат потреба од заем. Во тој момент, Иван и неговите другари одлучиле да не чекаат некој друг да воспостави систем, туку самите да направат база со податоци, контакти и потреби.

Иван сведочи дека прво почнале со обична ексел-табела, со цел побрзо да се поврзат со семејствата и луѓето на кои сакале да им помогнат, а дури потоа се развивала и поширока платформа. Кога почнале да им пишуваат родители дека на сметките им стигнале пари и дека утредента ќе можат да заминат кај своите деца, за волонтерите од „Сапорт Кочани“ тоа бил првиот знак дека нивната импровизирана мрежа навистина спасува конкретни животи и судбини.

– Првиот момент кога се почувствував среќен во целата несреќа беше кога родител ми пиша: ми стигнаа пари, утре ќе одам кај детето – вели Иван.

Наместо поддршка, препреки

Сепак, покрај човечката солидарност, се појавиле и пречки. Дел од нив биле административни – процедури, документација, царински задржувања, договори, нотарски заверки и финансиски обврски што морале да се почитуваат дури и во услови на итност. Дел, пак, биле политички и комуникациски.

Марко зборува за период во кој одредени инфлуенсери им кажувале дека не смеат да објавуваат за нив, за чудни посетители што доаѓале во канцеларијата и со часови молчеле, како и за чувството дека некој сака граѓанската иницијатива да не биде во фокусот на јавноста. Но, како што истакнуваат волонтерите, токму затоа и се самосоздале – за да ги пополнат дупките на институциите.

Особено чувствителен сегмент е и приказната за односот на институциите, вклучително и на Фондот за здравство. Во сведоштвото на Томи се опишува ситуација во која, според волонтерите, дел од помошта што ја обезбедиле хумани луѓе и ја спровеле преку „Сапорт Кочани“, подоцна била претставена како заслуга на институциите. Тој зборува за чувството дека зад некои посети и настапи на јавни личности повеќе стоел интерес за медиумска видливост отколку за вистинска поддршка.

Од „Гнездо гради семејство“ до Кочани 2050

Можеби е најважно што ова сведоштво не завршува во местото на трагедијата. Од „Сапорт Кочани“ подоцна се раѓа и „Гнездо“, простор за психосоцијална поддршка, дружење, работилници и обид кај младите да се врати чувството на безбедност и припадност. Анастасија, дипломиран психолог и дел од „Гнездо“, вели дека градот, една година подоцна живее со колективна истоштеност, со недоверба и потиштеност, но истовремено зборува и дека создале место каде што се чувствува безбедност и се создаваат нови пријателства. Во една од најубавите реченици од видеото таа вели: „Гнездо гради семејство“.

Завршницата на разговорот е насочена кон иднината и кон прашањето како после сè ова, Кочани да ја задржи младината и да стане подобро место за живеење. Иван открива за планот „Кочани 2050“, односно потребата градот конечно да добие подолгорочна визија, а не да живее од еден до следен изборен циклус. Неговата порака е дека трагедијата не смее да остане само спомен, туку мора да се претвори во поттик за промени во квалитетот на живот, во условите за младите и во основните работи поради кои еден човек би сакал да остане, а не да замине.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот