Сања Барби: Јас сум на врвот, десет празни места, па Елена Велевска и Сузана Гавазова! (ФОТО)

Фото: Инстаграм

Сања Цинцева или како што повеќето ја познаваат – Сања Барбика последниве неколку недели е доста актуелна со нејзината најнова песна и видеоспот. Станува збор за нумерата која носи наслов „Барбика кралица“, која ја сними во соработка со познатиот Џамбо Агушев.

Веднаш откако ја објави песната, социјалните мрежи започнаа да горат. Се разбира, имаше и позитивни, но повеќето беа негативни коментари.

Но, Барби и пред оваа песна секогаш знаела да го привлече вниманието на јавноста. Дали тоа било некоја нејзина песна или пак со провокативниот изглед кој го „фура“ од почетокот на својата кариера, важно била во центарот на вниманието.

Фото: Инстаграм

„Слободен Печат“ реши да направи интервју со неа и да ја праша за новата песна, новата соработка, за колешките, за љубовниот живот и друго…

Но, да започнеме со ред..

С.П. Деновиве актуелна си со новата песна „Барбика Кралица“ во соработка со Џамбо Агушев. Песната за кратко време има солиден број на прегледи, но и доста критики. На што се должат тие негативни коментари?

– Песната за кратко време има голем број на прегледи, можам да кажам дека успеавме! Заедно со Џамбо Агушев имаме ХИТ и кога веќе зборуваме за критиките, мислам дека не постои пејач кој што немал критики во одреден период од својата кариера. Јас мислам дека и тоа е успех затоа што ако немаш критики, под дифолт треба да се запрашаш зошто е тоа така. Кај нас во Македонија, па воопшто и на Балканот живеат луѓе кои се сеирџии по природа и се гласни и моќни само пред тастатура. Не бираат зборови кога навредуваат, а за мене тоа се злобни, неуспешни и нереализирани луѓе. Очигледно немаат што да прават во својот живот, несреќни се, па затоа плукаат и хејтаат по се. „Барбика кралица“ е нов звук на овие простори, досега немало ваква тема, па затоа е и критикувана. Морам да нагласам дека има и многу позитивни коментари, но нели, како и секогаш, ние прво се „фаќаме“ за негативните…

С.П. На социјалните мрежи можеше да се прочита коментар: Полошо нешто од Короната, е новата песна на Барби…

– 100 проценти му била влошена состојбата додека бил на боледување. Мислам дека сега „Барбика кралица“ на оној што го дал овој коментар му е на „replay“.

Фото: Инстаграм

С.П. Како дојде до соработка со Џамбо?

– Со Џамбо се познаваме долги години наназад, и двајцата сме од Струмица и имаме соработувано досега неколку пати. На дел од моите песни на почетокот од мојата кариера токму Џамбо свиреше труба. Идејата за оваа песна беше моја, кога ја слушна многу му се допадна и веднаш ми предложи покрај трубата, делот со рапот да го сработи тој. Тој ми предложи, јас прифатив и мислам дека не погрешив.

С.П. Пред извесно време имавме прилика да те гледаме и на српските телевзии и во некои нивни емисии. Планот ти е да се пробиеш и на таа сцена или веќе се откажа?

– Се немам откажано од српската музичка сцена, во моментов поради новонастаната ситуација со коронавирусот сум на пауза. За жал не можам да патувам и да гостувам, но во скоро време се ќе се врати во нормала се надевам и ќе продолжам и таму каде што застанав. Инаку, во Србија сум одлично прифатена од публиката, соработувам со познати и истакнати текстописци и композитори. Меѓу нив се Бане Опачиќ кој ги има напишано најубавите песни на Марија Шерифовиќ, потоа Стеван Симеуновиќ итн. Преслушајте ги „Прави се“, „Ја могу све“, „ Дошла сам да се лечим“…

Фото: Инстаграм

С.П. Барби, си имала ли непристојни понуди во текот на кариерата?

– Не! Навистина не добивам!

С.П. Со години дилема е која е на врвот на македонската фолк-сцена, дали е тоа Сузана Гавазова или Елена Велевска. Според тебе која го заслужува пехарот?

– Секоја е добра на свој начин. Сепак, мислам дека јас сум на врвот, па десет места празни, па се останато. (ха, ха, ха).

Фото: Инстаграм

С.П. Те видовме во соработка со Џамбо, но ме интересира со кој пејач од македонската поп-сцена би сакала да снимиш дует?

– Никогаш не сум размислувала за такво нешто. Можеби некогаш во иднина и би снимила.

С.П. Велат дека фудбалерите се најдобри љубовници во креветот, има вистина во тоа?

– Не знам, велат дека имаат кондиција, трчаат по топка, е сега дали се најдобри… хммм… не знам.

С.П. Пред една година, беше актуелна со твојата љубовна врска со еден наш познат фудбалер. За сите што ги интересира, дали сега Барби е сингл или повторно има некој што го освоил твоето внимание?

– Во моментов сум сингл и не сум вљубена, посветена сум на кариерата и таа ми е приоритет.

С.П. И за крај, кои се твоите идни планови на музичко поле?

– Допрва следуваат многу новитети од мене. Подготувам нови песни, видеа… дел на македонски јазик, дел на српски.

Во прилог погледнете го нејзиниот најнов видеоспот за песната „Барбика кралица“:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот