„Само симни го тоа… “: Милионер ѝ понудил 100.000 долари на патничка во авион

Фото: Принтскрин/ Твитер

Стив Кирш (67), американски богаташ кој се прослави со изумот на оптичко глувче, сподели на Твитер бизарна епизода од авионот на „Делта ерлајнс“, пишува британски „Сан“.

Имено, Кирш на една патничка ѝ понудил 100.000 долари (94.000 евра) за да ја симне заштитната маска.

Станува збор за познат антиваксер и скептик во врска со коронавирусот, кој претходно го обвинуваа за ширење дезинформации за пандемијата на корановирусот на интернет.

Необичниот разговор со патничката Кирш го споделил на Твитер. Тој објаснува дека најпрвин почнал со понудата од 100 долари со тоа што побарал од патничката што седела до него во прва класа да ја отстрани заштитната маска. Таа учтиво ја одбила неговата понуда, но Кирш, чие богатство се проценува на 216 милиони евра, решил да го подигне влогот.

 

„Личноста што седеше до мене во прва класа одби 100.000 долари кога ја замолив да ја симне маската до крајот на летот. Не се шегувам. И тоа откако ѝ објаснив дека маските немаат никаков ефект. Таа е вработена во фармацевтска компанија“, напишал тој.

Кирш на Твитер објавил и селфи на кое се гледа дека авионот бил полн.

Милионаерот не можел да се изначуди што жената не сакала да ја симне маската сѐ додека не дошла храната.

„Таа ја симна маската веднаш штом дојде појадокот! Затоа што сите знаеме дека не можете да се заразите додека јадете! Ѝ укажав на фактот дека еден здив е доволен за да се зарази. Целосно ја разоткрив. Можеби следниот пат ќе седам до некој со кој има сметка во Банката на Силиконската долина“, се пошегувал Кирш на крајот.

Да потсетиме, неодамнешниот колапс на Банката на Силиконската долина предизвика метеж на светските берзи.

Фото: Фејсбук

Необичната анегдота на Кирш од авионот не им се допадна на сите. Многумина на Твитер изразија загриженост поради неговото „агресивно“ однесување. Некои го обвинија дека малтретирал патник со теории на заговор против ковид.

„Ова е навистина морничаво, разбирате, нели? Баш се, од барањето до тоа што решивте да напишете твит за тоа“, напишал еден корисник.

„Вие сте личност која сите сакаме да ја избегнеме во авионот“, порачал друг твитерџија.

„Се обложувам дека госпоѓата зажалила што не седнала на друго место,“ е уште еден во низата негативни коментари.

Под објавата на Кирш на Твитер има повеќе од 32.000 коментари.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот