Фото: RossHelen editorial / Alamy / Profimedia

Само една четвртина од работниците а добиле К-15, за другите се чека последен момент

Според податоците од УЈП, работодавачите во бруто-износ за К-15 исплатиле над 3,7 милијарди денари, а за тоа уплатиле 372 милиони денари данок на личен доход. И покрај високите казни, лани до ССМ се евидентирани над 3.000 обраќања за прекршено право на регрес за годишен одмор само во јавниот сектор

На еден и пол месец пред истекот на законската обврска за исплата на годинешниот регрес за годишен одмор, оваа обврска ја исполниле повеќе од една четвртина од газдите. Од Управата за јавни приходи за „Слободен печат“ велат дека заклучно со 4 октомври, К-15 добиле 137.840 работници, односно вкупно 11.046 работодавачи веќе ги израдувале своите вработени. Лани оваа обврска ја исполнија повеќе од 40 илјади работодавачи.

– Потсетуваме дека во согласност со законските прописи, работодавачите се должни да го исплатат регресот за годишен одмор најдоцна до крајот на 2025 година, за сите вработени што работеле најмалку шест месеци во текот на 2025 година – информираат од УЈП.

Според податоците од УЈП, работодавачите во бруто-износ за К15 исплатиле над 3,7 милијарди денари, а за тоа уплатиле 372 милиони денари данок на личен доход. И со оглед на фактот дека дел од фирмите им исплатуваат многу повисоки износи од минималната сума, според пресметката на Управата, просечниот исплатен износ изнесувал 24.290 денари (минималниот К15 е 18.141 денари).

Обврската за годинешниот регрес почна од 1 јули годинава, а треба да заврши до 31 декември. Најмалиот износ се задолжителни 40 отсто од просечна тримесечна нето-плата во Македонија. За да примамат нови, но и да ги задржат постојните вработени, дел од фирмите веќе се пофалија дека ќе даваат К-15 кој ќе биде дури трипати поголем од законски пропишаниот, односно и над 50.000 денари! Некои добростоечки компании уште пред Велигден на сметките на своите вработени веќе им го исплатија регресот.

Законодавецот предвидел казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа доколку регресот не се исплаќа. Газдите може да заглават и во затвор од една година доколку ги исплатат парите, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им ги вратат. Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.

– Работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто, во согласност со Спогодбата за изменување и дополнување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Ова е дозволено само по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, што значи дека со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор – стои во регулативата.

Измените и дополнувањата на КД за приватниот сектор не ги пропишуваат ниту критериумите за ценење на економско-финансиската состојба на работодавачот ниту, пак, предвидуваат кој треба да ја спроведе ваквата постапка, велат експертите.

– Ова резултира со правна несигурност на работниците и неможност на Државниот инспекторат за труд да утврди прекршување на работничките права од колективен договор, поради недостиг на прецизни критериуми и постапки за утврдување на тешкотиите во работењето на работодавачот. Таквата ситуација овозможува за работодавачот да е доволно едноставно да приложи завршна сметка во која ќе покаже помал профит во календарската година, во споредба со претходната, за да докаже дека имал тешкотии во работењето и да исплати помал регрес за годишен одмор од предвидениот минимум од 40 отсто од основицата – објаснуваат од ССМ.

Од пред две години, со новиот Општ колективен договор за јавниот сектор 2, правото на регрес за годишен одмор како општа категорија стана задолжително и за сите работодавачи од јавниот сектор. Член 21 од ОКД за јавниот сектор предвидува право на регрес од најмалку 30 отсто од основицата или 12.372 денари, под истиот услов за стаж. К-15 следува и за работници што ја смениле работата, доколку претходно непрекинато работеле половина година во иста компанија.

– Неисплата не е во опција, а нема ни оправдување за непочитување на Колективниот договор – децидни се од ССМ. Судовите постапуваат по тужбите што ги поднесуваат нивните членови, а има и пресуди во нивна корист. И покрај високите казни, лани до ССМ се евидентирани повеќе од 3.000 обраќања за прекршено право на регрес за годишен одмор.

Речиси 460 илјади работници примија регрес за 2024 година

Најмногу работодавачи дале регрес за годишен одмор во 2019 година – 44.839, а најмногу работници – 459.451 добиле К15 во 2024 година, покажува статистиката на Управата за јавни приходи, за тоа како од 2018 до лани се одвивала исплатата на ова работничко право. Од нивните статистики произлегува и дека просечно исплатените средства за овие седум години, се зголемиле за 8.000 денари, односно од 10.256 во 2018, лани просекот изнесувал 18.452 денари.
До Државниот инспекторат за труд за 2024 година вкупно пристигнале 3.322 претставки. Од нив, 513 се однесуваат за неисплатен К-15.
Инаку, законската обврска за исплата на регрес за одмор беше укината во 2005 година и по девет години, со последните измени на Општиот колективен договор за приватниот сектор, повторно се воведе во 2014 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот