Само еден пратеник од власта го поддржа предлогот за минимална плата од 600 евра
Законските измени за раст на минималната плата на 600 евра, што ги предложи опозицискиот СДСМ, денеска не поминаа на матичната Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, но добија поддршка од еден пратеник од владејачкото мнозинство – Миле Цеков од ЗНАМ, кој порача дека минималната плата треба да се зголеми.
Препорачано
–Нашата минимална плата денес е најниска во регионот, иако продуктивноста по работен час, која изнесува 34 долари, е можеби една од повисоките во регионот. На пример, во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора имаат повисок минималец од Македонија, а помала продуктивност по работен час во однос на нашиот работник – изјави Цеков.
Што се однесува до останатите членови на комисијата од редовите на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тие воопшто не дебатираа. Освен Цеков, поддршка на ова законско решение дадоа членовите на СДСМ, како и на опозициската Алијанса на Албанците, односно од крилото на Зијадин Села. Според нив, треба да се прифати предлогот минималната плата од март годинава до март наредната година да се зголеми на 36.960 денари и со тоа да се усогласат сите останати плати.
–Заеднички да ја пратиме таа порака дека кога станува збор за граѓаните, кога станува збор за работниците, нема да има политичка идеологија којашто ќе може да не подели, заради тоа што ако за многу прашања други коишто се од интерес на политичките партии, можеме да изнаоѓаме законски решенија, коишто би биле консензус, ќе го спомнам Изборниот законик, тогаш зошто пак да не можеме да имаме некаков консензус околу законот за минимална плата – рече Оливер Спасовски од СДСМ.


