Законските измени за минимална плата од 600 евра не го поминаа собранискиот филтер: Апелите за подобар животен стандард останаа на говорница
Законот што го предложија пратениците на СДСМ и коалициските партери не доби доволно гласови за да биде даден на понатамошно разгледување откако во прво читање беше поставен на Комисијата за економски прашања, труд и енергетика
Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за минимална плата со кој ќе се зголеми минималната плата на 600 евра, предложен од опозициската СДСМ и коалициските партнери, денес беше на дневен ред на собраниската Комисијата за економски прашања, труд и енергетика. Пратениците на опозицијата пратија многубројни апели да не се размислува за политиката туку за животниот стандард на населението. Пратениците од опозицијата не беа расположени да дебатираат на оваа тема. Епилогот беше неизгласување на предлогот овој Предлог-закон да оди на понатамошно читање.
Препорачано
Фатмир Битиќи од СДСМ повика „да застанеме зад трудот“. Тој посочи на фактот дека во февруари синдикалната кошничка е 61.702, односно 920 денари повеќе отколку во јануари.
– Сега за покривање на синдикалната кошничка се потребни 2,76 минимални плати. Ако двајца работат со минимална плата, недостасуваат 18.224 денари – потенцираше Битиќи.
Притоа, како што посочи, не треба да се зголемат само платите, туку да се создаде систем околу тие плати – да има навремен поврат на ДДВ кон компаниите, да има борба против сивата економија, поголеми инспекциски надзори на терен.
– Ликвидноста на фирмите се поткопува, доцни повратот на ДДВ, има нефер трговски практики, а инфлацијата најмногу боли кога има злоупотреби. Сето тоа е поврзано – алармираше Битиќи.
Според него, „зголемување на минимална плата не е каприц, тоа е ниво под кое достоинството не треба да се спушти“.
– Платите создаваат работничка сиромаштија. Да го поддржиме Предлог-законот. Достоинството не се одложува – рече Битиќи.
Пратеничката Илире Даути од Алијанса на Албанците порача дека е неопходно минималната плата да се зголеми, но истовремено да се ослободат фирмите од социјалните придонеси за таа разлика.
– За сегашната минимална плата придонесите и персоналниот данок заедно се 11.920 денари, со минимална плата од 36.600 денари, тие ќе бидат 18.319 денари. Поради високиот процент на сива економија, државата треба да земе обврска за разликата од околу 6.000 денари – порача Даути.
Јованка Тренчевска од СДСМ посочи дека воведувањето и континуирано зголемување на минималната плата е една од најважните социјално-економски политики насочени кон заштита на стандардот на граѓаните. Таа потсети дека како политичка одлука во 2022 година минималната плата пораснала на 18.000 денари.
– Тоа се прави со трипартитен договор. Секоја влада треба да биде заштитник на работниците. Ланската инфлација беше 4,1 проценти, на храна над 5 проценти. Инфлацијата најмногу ја чувствуваат сиромашните – посочи Тренчевска.


