Само еден „ер трактор“ ќе гасне пожари низ Македонија

Фото: Слободен печат /Ристе Пејовски

Земјите од регионот во ек на економска криза и глобална инфлација на големо се подготвуваат и ги опремуваат своите противпожарни единици вклучително и леталата за гаснење пожар во пресрет на сезоната на пожари. Последна земја од низата кои вложуваат голема сума на пари за модернизација и набавка на нови помагала за гаснење на пожари е БиХ.

Имено реномираниот српски портал „Танго шест“ пишува дека Сараево донесе одлука за набавка на авиони и хеликоптери за гаснење на пожар во висина од 15, 3 милиони евра. Според српскиот портал кој се бави со авијатика пишува дека Сараево многу веројатно ќе набави два „канадери“ и два хеликоптери од типот „Бел“ специјализирани за борба против пожар на недостапни терени.

Регионот ги проверува „силите“ за гаснење пожар

Слично како и Сараево и официјален Белград неодамна најави купување на нови 30 воздухопловни летала оваа година за потребите на српската армија кои во исто време можат да служат и за противпожарните единици на земјата. Српскиот претседател Александар Вучиќ во тој контекст посочи дека државата за таа намена ќе одвои 145 милиони евра оваа година за набавка на новите летала.

Во исто време хрватските медиуми забележуваат дека Хрватска во период кога температурите растат и некаде веќе се над 30 степени во земјата, властите располагаат само со 4 од 12 авиони за гаснење на пожар.

Македонија по подолг период ќе има „ер трактор“ на располагање

Во светлост на случувањата, а во пресрет на сезоната на пожари и високи температури Македонија сѐ уште очекува да ги стави во целост на располагање трите воздухоплови „канадери“ со кои располага, наменети за гаснење на огновите во тешко достапните терени во земјата.

Популарно наречените „ер трактори“ кои беа набавени во 2010 година, неколку години беа приземјени на аеродромските писти и покрај големиот број на пожари кои изминатите години ја зафатија земјава. Причината за тоа беше нивното сервисирање и одржување, кои се исклучително скапи и поради кое и оваа година останува неизвесно летањето на сите три авиони.

Сепак од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во изјава за „Слободен печат“ објаснуваат дека во моментов земјава по подолг период конечно има на располагање еден од трите специјални воздухоплови за гасење на пожар „ер трактори“. Директорот на ДЗС Беким Максути вели дека еден воздухоплов „ер трактор“ неделава е вратен во земјава, а за останатите два е отпочната процедура за нивно испраќање на сервис во Шпанија.

Фото: Беким Максути

– Еден воздухоплов од типот „ер трактор“ деновиве е вратен во РСМ од сервис и е целосно на располагање за гасење на пожари. До крајот на седмицава ќе биде испратен и вториот воздухоплов на сервисирање во Валенсија, додека за третиот се прават подготовки за негово приспособување и испраќање во Шпанија – изјави Максути.

Првиот човек на ДЗС додава дека за оваа година за потребите за функционирање на институцијата за престојната сезона на пожари од делот на финансии, ДЗС располага со 96.300.000 милиони денари, средства со кои земјата ќе треба да одговори на идните предизвици и опасности од пожари.

Директорот на Центарот за управување со кризи ЦУК Стојанче Ангелов вели дека оваа година, може да сметаме и на еден хеликоптер од МВР за гаснење пожари.

Тој додава дека функционирањето на ЦУК е драстично подобрено периодов што според него е направено со упешно внатрешно прераспределување на кадровските сили и институцијата може да одговори професионално и благовремено на евентуалните закани од пожари во престојната сезона.

Стојанче Ангелов, директор на ЦУК и претседател на Достоинство
Стојанче Ангелов, директор на ЦУК

– Генерално сметам дека безмалку сите вработени се значително мотивирани за работа и институцијата драстично е подобрена да одговори на сите предизвици во пресрет на сезоната на пожари. ЦУК како секогаш така и оваа година е подготвен да менаџира со расположливите ресурси на државата се со цел заштита на земјава од природни непогоди и пожари – вели Ангелов.

Од друга страна пак домашните познавачи на состојбите коментираат дека доколку за сервисирање на едно летало се потребни најмалку 45 дена во зависност од степенот на сервисот на „ер трактор“ многу веројатно земјава ова лето ќе има на располагање само еден „канадер“ на располагање за гасење на пожари.

 

Фото: Архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот