Само државна лабораторија ќе смее да им „буричка“ на децата во манџата
Храната што им се служи на основците и на децата во градинките да мора да ја испитуваат национални референтни лаборатории, а не како до сега таа да се испитува и во приватни лаборатории по избор на фирмата што ја готви храната.
Препорачано
Ваквиот предлог денеска се дискутирал меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и претставници на ИЈЗ, брифираат за „Слободен печат“ извори од Институтот за јавно здравје кои се залагаат да се подобри целата регулатива и сите правилници за хигиената во училиштата да се подобри.
Ваквиот потег доаѓа откако минатата недела повеќе ученици во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Карпош се разболеа од различни бактерии, а во мостри од мусаката и на три чешми пронајдени беа фекални бактерии. Седум деца беа хоспитализирани во Детската клиника, но причинителите на заболувањата беа различни – едно дете имало норовирус со симптоми на повраќање, болки во стомакот и дијареа.
Нашите извори од Институтот за јавно здравје советуваат училиштата убаво да ги проверат средствата со кои се одржува хигиената во училишните простории. Ова е поради фактот што честопати се чисти со неквалитетни средства, речиси „водички“, кои што не се хлорни. Се планира и промена на правилниците – во иднина во училиштата и во градинките да се чисти само со хлорни средства и тоа се планира да се внесе во правилниците и спецификациите.
Кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош уште е затворена а децата во меѓувреме си носат јадење од дома. Агенцијата за храна и ветеринарство привремено ја залепи жолтата лента, а подоцна беа пронајдени и бактерии предизвикани од лоша хигиена.
Случајот каде неколку деца заболеа, исто така укажува дека многу работи може да се подобрат во основните училишта и во градинките. Една од нив е бројот на вработени хигиеничарки. Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ на 700 деца во две смени има вработено само 8 хигиеничарки. Ваква е ситуацијата и во други основни училишта во главниот град.
Родителите предложиле во ова училиште да се инсталираат автоматски чешми, каде што нема да има потреба од допирање на славините, но за овој предлог да се реализира потребни се време и пари. Според директорката Лејла Николовска санитарниот инспекторат со записник констатирал дека хигиената е на задоволително ниво и ги исполнува стандардите. Таа вели дека секој од родителите имаат договор со фирмата што ја снабдува храната во училиштето, а училиштето нема никаков пристап ниту ингеренции над кујната – тоа само го издава просторот под наем.
Десетици ученици се затруле со храна во скопското училиште „Димо Хаџи Димов“
Николовска инсистира дека ситуацијата е ставена под контрола и дека се преземени сите мерки како што налагаат институциите. Најголемиот дел од децата кои беа болни, според неа веќе се вратени на настава а дел уште се дома.
-Центарот за јавно здравје изврши дезинфекција и после ова имаме обуки и протоколи за како да продолжиме понатаму и училиштето да продолжи да биде безбедна средина. Таа кујна снабдува 10 училишта и храната и менито секаде се исти. Имаше бура од реакции. Затоа апелирам на смиреност, уверувам дека продолжуваме да работиме. Преземени се сите мерки кои државните институции ги наложија, протоколот и контролите се спроведени и наставата тече. Нема потреба да се шири паника и скепса, се потпираме на официјалните резулати. Дел од учениците кои беа болни се вратени на настава, а друг дел од превентива ќе дојдат утре или задутре, изјави за „Слободен печат“ директорката Николовска.
Според извори на „Слободен печат“ на состанокот кој се одржал во училиштето било заклучено дека нема само еден причинител за оваа ситуација, туку дека се работи за комбинација – хигиената во училиштето, норовирусот, стомачниот вирус и одредени бактерии.
Кујната ќе биде затворена наредните 2 недели и откако повторно ќе се направат испитувања ако се е во ред ќе се отвори. Договорот со операторот за храна трае до јуни 2026 година.
Наставата во училиштето продолжува вообичаено.
Повеќе од 70 родители на учениците од ОУ „Димо Хаџи Димов“ пред два дена се потпишаа на барање до директорката и советот на родителите, во кое инсистираа на јасен план за редовен и засилен санитарен надзор, строга контрола врз операторот кој ја подготвува храната во училиштето, протокол за хигиена на просториите и санитарните јазли и конкретни чекори за спречување на сличен инцидент. Ова доаѓа откако дел од децата минатата недела побараа медицинска помош поради тегоби во стомакот, а мострите од спроведената контрола на Институтот за јавно здравје потврдија присуство на фекални бактерии во мусаката и на неколку површини од кујната. Вкупно 6 деца беа позитивни на норовирус.


