Училница во училиштето „Димо Хаџи Димов“ / Фото: Фејсбук

Фекални бактерии се откриени во мусаката што ја јаделе затруените деца од „Димо Хаџи Димов“

Во примерокот од мусаката што се служела во првата смена во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, утврдено е присуство на грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae. Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), истиот тип фекални бактерии биле откриени и на три чешми во училиштето.

Од ИЈЗ информираат дека непосредно по денешната прес-конференција, пристигнал нов лабораториски резултат кој ја потврдил контаминацијата во прехранбениот примерок. Дополнително, материјали и примероци за анализа продолжуваат да пристигнуваат, а бројот на досега земените е значителен, велат од ИЈЗ.

Оттаму не го посочуваат конкретниот вид бактерија откриена во храната, од инаку големото наведено семејство бактерии, од кои некои се безопасен дел од цревната флора, а други можат да предизвикаат тешки труења, како салмонела и шигела.

Случајот се дозна во средата, кога голем број ученици од училиштето наеднаш пријавија стомачни тегоби, а повеќе деца завршија на болничко лекување. Меѓу децата кои беа примени во болница беше и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, Антониј.

Резултатите од дел од земените мостри се очекува ИЈЗ да ги соопшти до крајот на денот.

Мицкоски: Син ми е храбро момче, не е точно дека бил во многу тешка состојба

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот