Фото: pexels/ Charlie-Helen Robinson

Само 50 луѓе во светот имаат „златна крв“, а научниците се обидуваат да ја клонираат

Постои крвна група толку ретка што ја имаат околу 50 луѓе на светот. Позната како Rh нула, или „златна крв“, таа е истовремено спас и проклетство за оние кои ја носат, но и свет грал за научниците кои се обидуваат да ја создадат во лабораторија за да спасат животи.

Трансфузиите на крв се темел на модерната медицина, но за луѓето со ретки крвни групи наоѓањето на соодветен дарител може да биде речиси невозможно, пишува Би-би-си.

Една од најретките, Rh нула крвна група, е пронајдена кај приближно 50 луѓе во светот. Ако некогаш им затреба трансфузија, шансите да ја добијат се мали, поради што на таквите луѓе им се препорачува да си ја замрзнат сопствената крв за долгорочно складирање. И покрај својата реткост, оваа крвна група е исклучително ценета. Во медицинските кругови се нарекува „златна крв“ поради нејзината потенцијална употреба во создавање на универзални трансфузии, со што би се надминале имунолошките проблеми кои денес ја ограничуваат употребата на даруваната крв.

Како функционираат крвните групи?

Крвната група се одредува според присуството или отсуството на специфични маркери, познати како антигени, на површината на црвените крвни клетки. Овие антигени, составени од протеини или шеќери, можат да предизвикаат реакција на имунолошкиот систем.

– Ако ви се трансфузира дарувана крв која содржи антигени различни од вашата сопствена крв, ќе создадете антитела на таа крв и ќе ја нападнете. Ако таа крв повторно ви се трансфузира, тоа може да биде опасно по живот – објаснува Еш Тој, професор по клеточна биологија на Универзитетот во Бристол.

Двата најважни системи на крвни групи се АБО и Резус (Rh). Лице со крвна група А има А антигени, група Б има Б антигени, АБ ги има и двете, а група О нема ниту еден. Секоја од нив може да биде Rh позитивна или Rh негативна. Иако лицата со О негативна крвна група често се нарекуваат универзални дарители бидејќи немаат А, Б ниту главен Rh антиген, тоа е поедноставен поглед.

Имено, денес се познати 47 крвни групи и 366 различни антигени. Тоа значи дека лицето кое прима О негативна крв сè уште може да има имунолошка реакција на некој од другите антигени. Освен тоа, постојат повеќе од 50 Rh антигени. Кога велиме дека некој е Rh негативен, обично мислиме на отсуството на Rh(D) антигенот, но неговите црвени крвни клетки сè уште содржат други Rh протеини. Токму оваа разновидност го отежнува наоѓањето на соодветни дарители, особено за етничките малцинства.

Посебноста на „златната крв“

На луѓето со Rh нула крвна група им недостасуваат сите 50 Rh антигени. Иако тие не можат да примат ниедна друга крвна група, нивната крв е компатибилна со повеќето Rh крвни групи. Поради тоа, О Rh нула крвта е исклучително вредна – повеќето луѓе можат да ја примат со низок ризик од реакција, што е клучно во итни случаи. Затоа научниците ширум светот бараат начини како да ја клонираат оваа „златна крв“.

– Rh антигените предизвикуваат голем имунолошки одговор и затоа, ако воопшто ги немате, тогаш во суштина нема на што да се реагира во смисла на Rh. Ако сте биле О тип и Rh нула, тогаш тоа е прилично универзално. Но, сè уште постојат други крвни групи што мора да ги земете предвид – вели Тој.

Потекло и лабораториско создавање

Неодамнешните истражувања открија дека Rh нула крвта е последица на генетски мутации кои влијаат на клучен протеин во црвените крвни клетки. Во студија од 2018 година, Тој и неговите колеги успеаја да создадат Rh нула крв во лабораторија. Користејќи ја техниката за уредување на гени Crispr-Cas9, ги избришале гените кои кодираат антигени на пет системи на крвни групи одговорни за повеќето трансфузиски некомпатибилности, вклучувајќи ги АБО и Rh.

– Пресметавме дека, ако исфрлиме пет, ќе создадеме ултра-компатибилна клетка, бидејќи имаше отстрането пет од најпроблематичните крвни групи – вели Тој.

Добиените крвни клетки би биле компатибилни не само со главните крвни групи, туку и со исклучително ретките како Rh нула и фенотипот Бомбај.

Меѓутоа, користењето на техники за уредување на гени останува контроверзно и строго регулирано, што значи дека ќе поминат уште многу време пред ваквата крв да стане клинички достапна. Во меѓувреме, Тој е соосновач на компанијата „Скарлет терапеутикс“, која собира донации на крв од лица со ретки крвни групи, вклучувајќи ја Rh нула, со цел да се создадат клеточни линии за неограничено производство во лабораторија.

– Ако тоа можеме да го направиме без уредување, тогаш е одлично, но уредувањето е опција за нас –  додава професорот.

Глобалната трка на научниците

И други истражувачи се обидуваат да создадат Rh нула крв. Научниците во САД користеле Crispr-Cas9 за создавање прилагодени ретки крвни групи од човечки матични клетки. Тимови во Канада и Шпанија исто така користат слични техники за да избришат антигени и да произведат поуниверзална крв.

И покрај напредокот, создавањето вештачка крв во големи количини е сè уште далеку. Еден од предизвиците е да се поттикнат матичните клетки да созреат во црвени крвни клетки, што е процес кој тешко се реплицира надвор од сложената околина на коскената срцевина.

– Постои и дополнителен проблем дека при создавањето на Rh нула или која било друга нула крвна група, растот и созревањето на црвените крвни клетки може да се нарушат – истакнува Грегори Деном, директор за медицински работи во компанијата „Грифолс дајагностик солушнс“.

Засега, Тој ја води студијата „Ристор“, прво клиничко испитување во светот кое ја тестира безбедноста на давање лабораториски одгледани црвени крвни клетки на здрави доброволци. Крвта во испитувањето не е генетски уредувана, а требаше 10 години истражување за да се дојде до оваа фаза.

– Во моментов, вадењето крв од нечија рака е многу поефикасно и поисплатливо, па ќе ни требаат дарители на крв во догледна иднина. Но, за луѓето со ретки крвни групи каде што има многу малку други дарители, ако можеме да им одгледаме повеќе крв, тоа би било навистина возбудливо – заклучува Тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот