„Сакаше да биде невидлива“: Откриени непознати детали за кнегињата која се откажа од Холивуд поради љубов

Фото: Profimedia

Оваа година се навршија четириест години од смртта на американската актерка Грејс Кели, која по венчавањето со кнезот на Монако, Рејнер III во 1956 година, стана кнегиња на Монако. Убавата филмска ѕвезда, која мораше да се откаже од својата актерска кариера поради љубовта, честопати беше нарекувана и „принцезата Грејс“ во јавноста.

Грејс Кели загина во сообраќајна несреќа на 14 септември 1982 година. По повод четириесетгодишнината од оваа трагедија, британскиот медиум „Мирор“ направи ексклузивно интервју со еден од најблиските пријатели на Кели, филмскиот режисер Роберт Дорнхелм.

Грејс Кели и Алфред Хичкок / Фото: Warner Bros / Christophel Collection / Profimedia

Потсетувајќи се на нејзините незаборавни улоги во филмовите „Точно на пладне“, „Одбери У за убиство“ на легендарниот режисер Алфред Хичкок и „Провинцијалка“ за кој ја доби филмската награда Оскар за најдобра женска улога, Дорнхелм сподели неколку помалку познати факти од животот на Кели.

Кели и нејзиниот Оскар за улогата во филмот „Провинцијалка“ во 1954 година / Фото: TopFoto / Topfoto / Profimedia

Со оглед на тоа што Кели имала ирско потекло, таа поседувала мала викендица во близина на Корк и тајно копнеела за мирен живот во Ирска, татковината на нејзините предци. Дорнхелм тврди дека Кели не сакала да биде позната, туку сонувала да „потоне во мрак“.

„Таа копнееше да прошета низ Париз без никој да ја препознае, во суштина беше обична жена која сонуваше за поедноставен живот. Сакаше да биде невидлива, да биде со обични луѓе, да оди во ресторани и пабови. Ова го правевме повремено додека живееше во Париз, тогаш ја познавав, и секогаш беше многу горда што никој не ја препознава и дека може да биде нормална. Тоа не беше нејзината грижа, тоа беше нејзината надеж“, раскажува Дорнхелм.

Венчавката на Грејс Кели и кнезот на Монако, Рејнер III / 19 април 1956 година /
Фото: TopFoto / Topfoto / Profimedia

„Сакаше да заврши во Корк. Таа беше тотален романтичар и голем сонувач. Мислам дека Ирска добро ќе ѝ одговараше. Но, во исто време, начинот на кој се одвиваше нејзиниот живот беше како бајка. Нејзиниот живот не можеше да заврши на некој обичен начин – едноставно да исчезне, а никој да не примети. Едноставно, таа беше родена за да биде посебна и да нема секојдневен живот“, вели 74-годишниот австриски режисер.

Грејс Кели и Рејнер III со нивните деца Алберт и Каролина / 1 мај 1958 / Фото: Mary Evans/Allstar/Cinetext/Bild / Mary Evans Picture Library / Profimedia

Дорнхелм ја запознал Кели во 1977 година, кога тој имал 30, а таа 48 години.

„Грејс беше прекрасна и едноставна, многу директна. Првото нешто што го кажа беше: ‘Не ми се обраќајте со Ваше Височество, обраќајте ми се со Грејс’. Таа беше многу нормална. Многу едноставна и некомплицирана. Таа блескаше, никој не можеше да го тргне погледот од неа. Кога ќе пристигнеше некаде, таа веднаш беше забележана“, сподели тој.

Грејс Кели / Фото: Paramount Pictures / Christophel Collection / Profimedia

Дорнхелм вели дека Кели била многу смешна и духовита, сосема спротивно од описот кој ѝ го препишувале – „ледена русокоса“.

“Таа сакаше да пие, да танцува и да биде нормална. Немаше ништо студено во неа. Направи да се чувствувам посебно и ценето. Бев на почетокот на мојата кариера и таа уживаше во мојата работа. Го искористивме документарецот ‘Децата на театарската улица’ за промовирање стипендии за талентирани деца. Бевме на многу премиери ширум Европа“, тврди режисерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот