Руте: Иран е закана за Европа, НАТО ќе го брани секој сантиметар од својата територија
„НАТО не е вклучен во конфликтот што се случува на Блискиот Исток, но, да објасниме, Иран беше блиску до постигнување способност за нуклеарно оружје и до потенцијал за балистички ракети. Тоа не е закана само за Блискиот Исток, како и егзистенцијална закана и за Израел, туку и закана за нас тука во Европа“.
Препорачано
Ова го изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, откако пристигна на официјалната церемонија за пречек со највисоки државни и воени почести во Вилата Водно.
– Иран, како носител на хаосот, со децении е одговорен за терористички напади, за атентати. Како пример можам да го наведам тоа што во мојата земја имало повеќе закани од иранскиот режим кон членови на иранската дијаспора – посочи тој.
Генералниот секретар на Алијансата порача дека НАТО ќе ја брани „секој сантиметар од својата територија“, оценувајќи дека слабеењето на иранските воени капацитети ја зголемува безбедноста на евроатлантскиот простор.
Руте денеска престојува во официјална посета на земјава. Првиот човек на Алијансата го пречека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести на церемонија во кругот на вила Водно, по што следуваше тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО ќе има средба и со премиерот Христијан Мицкоски, како и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по ќе се обрати пред пратениците во Законодавниот дом.
Руте ќе ја посети и касарната „Илинден“ каде што ќе присуствува на презентацијата на лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) на Армијата и на дел од опремата на оваа единица.
На настанот ќе присуствуваат министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата и претставници од Министерството за одбрана.
Ова е прва посета на Руте како генерален секретар на НАТО на Скопје. Тој беше во земјава во ноември 2021 година како тогашен премиер на Холандија.
Во 2023 година во официјална посета на Македонија престојуваше тогашниот прв човек на НАТО, Јенс Столтенберг.


