Руски блогери: Приказната на Москва за убиените 600 украински војници е лажна

Донбас бомбардирање/ Фото: Nicolas Cleuet / Zuma Press / Profimedia

Украинските сили одбиваат постојани руски напади врз Бахмут и други градови во Донбас, на истокот на земјата, соопшти официјален Киев во понеделникот откако ги негираше тврдењата на Кремљ за убиени 600 украински војници, за што исто така сериозно се сомневаат и руските блогери, пренесува Ројтерс.

Русија изминатиот ден изврши седум ракетни напади, над 31 воздушни напади и 73 со ракетни фрлачи, објави во дневниот извештај Генералштабот на украинската армија. Во истото, се наведува дека украинските сили одбиле напади врз 14 градови и села, вклучувајќи го и Бахмут.

„Бахмут се држи и покрај сè. И иако поголемиот дел од градот е уништен од руските напади, нашите војници одбиваат постојани руски обиди за напредување“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање. Соледар се држи и покрај тоа што уништувањето е уште поголемо, а ситуацијата е многу тешка, додаде тој.

Зеленски повторно го осуди, како што рече, неуспехот на Русија да го почитува примирјето што го прогласи за Божиќ. „Русите го гранатираа Херсон со запалива муниција веднаш по Божиќ“, рече тој.

„Напади врз Краматорск и други градови во Донбас – врз цивилни цели и токму во моментот кога Москва известуваше за наводен прекин на огнот за својата армија“, рече Зеленски.

Русија во неделата соопшти дека 600 украински војници биле убиени во ракетен напад врз Краматорск, северозападно од Бахмут, но репортерот на Ројтерс на местото на настанот не најде докази за тврдењата. Новинарите на Ројтерс посетија две згради од студентски дом каде, според руските наводи, украински војници привремено биле стационирани во близина на линијата на фронтот во моментот на рускиот ноќен ракетен напад.

Краматорск/ Фото Sameer Al-DOUMY / AFP / Profimedia

Се чини дека ниту една од двете згради не е сериозно оштетена. Исто така, нема очигледни знаци дека војници биле таму, ниту траги од тела или крв. Искршени се некои прозорци на една зграда, а во дворот има голем кратер. Втората зграда, која руското Министерство за одбрана ја нарече Хостел бр. 28, наводно е целосно недопрена.

Серхиј Череваџи, портпаролот на украинската војска за источниот регион, ги нарече руските наводи обид да се покаже дека тие реагирале насилно на неодамнешните украински напади врз руски војници.

Руската армија, пишува Ројтерс, е под притисок да постигне успеси на фронтот, бидејќи се обидуваат да го ескалираат конфликтот откако не успеаја да се задржат на окупираните територии. Со приближувањето на годишнината од започнувањето на руската инвазија на Украина, расте загриженоста за големиот број загинати и ранети во руските редови.

Некои влијателни руски блогери ги критикуваа тврдењата на руското Министерство за одбрана за убиените 600 украински војници.

„Ајде да зборуваме за измама. Не ни е јасно кој и поради која причина одлучил сите 600 украински војници да загинат одеднаш, ако зградата всушност не била погодена, дури ни струјата не снемала“, напиша блогерот по име „Воен информатор“ на Телеграм.

„Наместо вистинско уништување на непријателскиот персонал, што ќе беше соодветен одговор, беше измислена ексклузивна медиумска операција за одмазда“, додаде тој.

Украина тврди дека минатата недела убила 760 руски војници во нападите врз Херсон и регионот Запорожје. Ројтерс не можеше да ги потврди тие извештаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот