Русија ѝ се закани на Ерменија: Ако одите кон ЕУ, нема евтин гас
Русија ѝ се закани на Ерменија дека ќе ги суспендира договорите за снабдување на земјата со евтини енергенси ако продолжи процесот на пристапување кон Европската Унија, објави Ројтерс.
Препорачано
Москва го предупреди Ереван пред парламентарните избори во Ерменија на 7 јуни, пред кои, според анкетите, убедливо води партијата Граѓански договор на актуелниот премиер Никол Пашинјан, кој е близок со Западот.
„Руската амбасада официјално достави писмо во кое се наведува дека, ако продолжи процесот на пристапување кон ЕУ, руската страна ќе го суспендира или еднострано ќе го раскине Договорот за соработка во снабдувањето со природен гас, нафтени деривати и необработени дијаманти“, изјави за новинската агенција РИА портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Ерменија, земја без излез на море со околу три милиони жители, традиционално одржува блиски врски со Русија. На нејзина територија се наоѓаат руски воени бази, а земјата во голема мера зависи од увозот на руски енергенси.
Според податоците на новинската агенција Интерфакс, Ерменија минатата година увезла 2,7 милијарди кубни метри гас, од кои 82 отсто пристигнале од Русија.
Односите со Москва се нарушени во последните години, бидејќи Ереван настојува да ги продлабочи врските со Брисел и Вашингтон, како и поради тоа што Русија не помогна во војната против Азербејџан. Москва претходно овој месец ја обвини Ерменија дека е вовлечена во „антируска орбита“ на ЕУ.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во вторникот го посети Ереван и со ерменскиот министер за надворешни работи потпиша договор за стратешко партнерство. Ерменија усвои и закон со кој се започнува процесот на нејзино пристапување кон ЕУ.
Дипломатите ќе останат во Киев и покрај предупредувањата за напади од Русија, соопшти ЕУ


