Marko Rubio
Марко Рубио/ EPA-EFE/JIM LO SCALZO / POOL

Рубио им понуди помош на Кубанците, тие го обвинија дека лаже

Американскиот државен секретар Марко Рубио во порака до кубанскиот народ понуди нови односи меѓу Соединетите Американски Држави и Куба, најавувајќи помош од 100 милиони долари, истовремено обвинувајќи ги кубанските лидери за недостигот на струја, храна и гориво, пренесе Ројтерс.

„Ние, Соединетите Американски Држави, ви нудиме помош не само за ублажување на сегашната криза, туку и за изградба на подобра иднина“, рече Рубио во порака по повод Денот на независноста на Куба.

Се очекува администрацијата на Доналд Трамп да покрене кривична пријава против поранешниот кубански претседател Раул Кастро, како продолжение на кампањата на притисок на Вашингтон врз комунистичката влада на овој карипски остров.

Рубио ги обвини кубанските власти

Во видеообраќање на шпански јазик, Рубио, чии родители се Кубанци, за актуелните проблеми во земјата ги обвини алчноста и корупцијата на кубанското раководство.

„Вистинската причина зошто немате струја, гориво ни храна е тоа што оние што ја контролираат вашата земја украле милијарди долари, од кои ништо не му намениле на народот“, рече Рубио.

Тој додаде дека Соединетите Американски Држави им нудат на Кубанците 100 милиони долари во храна и лекови, под услов помошта да ја распределува Католичката црква или други доверливи хуманитарни организации.

Кубанската амбасада во Соединетите Американски Држави утрово одговори со тврдење дека Рубио лаже и ги обвини Соединетите Американски Држави за сурово постапување кон островската држава.

Куба: Рубио лаже

„Причината поради која американскиот државен секретар редовно бескрупулозно лаже кога зборува за Куба и се обидува да ја оправда агресијата на која го изложува кубанскиот народ не е незнаење или неспособност“, наведе амбасадата во објава на социјалната мрежа Икс.

„Тој многу добро знае дека нема оправдување за таква сурова и немилосрдна агресија“, се додава во објавата.

Претседателот Доналд Трамп настојува да предизвика промена на режимот во Куба, каде што комунистите се на власт уште од револуцијата во 1959 година, која ја предводеше покојниот брат на Раул Кастро, Фидел Кастро.

Се очекува обвиненијата против 94-годишниот Кастро да се темелат на инцидентот од 1996 година, кога кубански авиони соборија летала со кои управувала група кубански прогонети лица, изјавил минатата недела функционер од американското Министерство за правда за Ројтерс, под услов да остане анонимен.

Соединетите Американски Држави де факто му наметнаа блокада на островот, заканувајќи им се со санкции на земјите што го снабдуваат со гориво, поради што Куба се соочува со постојани прекини на електрична енергија, кои му нанесуваат тешка штета на и онака кревкото стопанство на земјата.

Аксиос: Куба разгледува напади со беспилотни летала врз САД

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот