Росана Сариќ-Тодоровска: Најмногу жалам што никогаш нема да испееме заедничка песна со сестра ми, брат ми и со нашите деца
Таа засекогаш ќе остане запаметена како Росана, од дуетот „Маријана и Росана“, близначките што на публиката ѝ ги дадоа најубавите музички хитови, кои и ден-денес публиката ги слуша. Некои од тие песни добија ремикси и се популарни меѓу младите генерации.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
До пред шест месеци патот ако ве нанесеше накај книжарницата „Култура“ во центарот на Скопје, таму ќе ве пречекаше насмеана и секогаш расположена за муабет, македонската музичка легенда, Росана Сариќ-Тодоровска, која на времето во дует со сестра ѝ Маријана Новачевска ги освојуваа првите места по музички фестивали и испеаја безвременски хитови. Со оваа професија таа се занимаваше подолго време и, како што вели, ја работела со голема љубов, иако ѝ недостига „златното време“ на македонската музичка сцена, за кое не губи надеж дека во блиска иднина повторно ќе започне. Но, денес Росана е посветена баба што секој слободен миг го минува со внукот Ноах, од ќерката Ивана и зетот Џејмс.

– Со Ноах се чуваме секој ден во текот на работната недела, додека неговите родители се на работа, бидејќи пред пандемијата почна да оди во градинка, без проблем ја прифати, со радост одеше, сè додека не ги затворија. И покрај тоа што сега градинките се отворени, ние како семејство решивме дека во моментов најбезбедно би било да го чуваме јас и дедо (Ѓорѓи Тодоровски – Трупче, н.з.). Секој ден ни поминува низ многу музика, смеа, шеги и игра. Готвиме заедно, јадеме, спиеме, танцуваме, шетаме со нашата Лејди (миленичето н.з.) покрај реката Вардар, шлапкаме во вирчиња, гледаме цртани, читаме книги… сè што баба и дедо можат да прават со внуче, го правиме и ние. Бабите и дедовците се за „размазување“, а родителите за строго воспитување – вели Росана на почетокот од интервјуто.
Пред да се „пензионирате“ и да му се посветите на внукот, напоредно со музиката се занимававте и со друга професија, како многу Ваши колеги. Тоа дава слика дека кај нас од музика не се живее. Каде го лоцирате проблемот за ваквата состојба?
– Во времето кога музичката кариера ни беше во цутот, постоеја концерти, фестивали, забавно- музички емисии, разни прослави итн. Работата што требаше да ја завршиме за една фотосесија, или за издавање албум со нашата музика беше огромна. За нашата работа добивавме финансиски надоместок, но многу поважно е дека тоа, заедно со публиката, ни даваше полетност и сила нам, на естрадните уметници, да твориме уште повеќе, да бидеме присутни на сцената. Начинот на живот, снимањата или прославите што траеја до доцна во ноќта, не дозволуваа да можеш да имаш и дополнителна работа во тоа време. Кога работите почнаа да се менуваат и многу од горенаведеното престана да се случува, естрадните уметници започнаа да ја чувствуваат потребата да имаат и „секојдневна“ работа. Таа нудеше поголема сигурност, плата на крајот на месецот, односно сигурна егзистенција. Не гледам ништо лошо во тоа уметниците да работат напоредно две или повеќе работи покрај уметноста со којашто се занимаваат. Но, навистина жалам за тие убави времиња, за тие прекрасни програми со забавна содржина, за снимањето на новогодишните емисии, за дружбата зад сцена во текот и по завршувањето на фестивалите…тоа веќе го нема.

Со Маријана на публиката ѝ ги донесовте „Признавам“, „Стој“, „Око мое“, „Молчи, молчи“, „Малечок“, „Некој треба да ме има“ и други хитови. Некои од нив доживејаа и ремикси, па денес ги пее и слуша младата публика. Изненадена ли сте од ова или може да се каже дека очекувано е со оглед дека на времето имавме квалитетна музичка сцена и автори што создаваа евергрини?
– Пресреќна сум што и младите ја препознаваат убавината на нашите песни, кои биле направени и отпеани далеку пред нивното време. Секое време си носи свои трендови и насоки во музиката, но евергрините со право ја носат таа титула и воопшто не ме чуди што дел од квалитетната музика се слуша до денес. Ќерка ми, кога беше помлада, често знаеше да ме разбуди сред ноќ и да ми ја пушти „Признавам“ преку телефонот додека песната ечеше во некоја дискотека, а младите ја пееја на цел глас. Чувството е прекрасно и посакувам нашите песни да се пеат уште долги години.
Која од тие Ваши заеднички песни Ви е омилена и зошто?
– Целата кариера со Маријана ми е омилена. Направивме навистина голем број хитови, но ако веќе морам да одберам омилена, тогаш нека бидат „Едно срце имам душо“ со Маријана и „Надежи“ со мојот покоен брат Мирослав.

Со што се занимава Ивана и дали таа или некој од Вашите внуци (од сестра Ви и братот), го наследи талентот и желбата за пеење или создавање музика, макар и за своја душа?
– Ние фамилијарно сите пееме, најчесто тоа е зад затворени врати и за наша душа. Досега ниедно од децата не се одлучи јавно да се занимава со оваа професија, иако имаме една извонредна палета на гласови. Најмногу ми е жал дека никогаш не си го остваривме ветувањето еден ден да се собереме јас, сестра ми и брат ми, заедно со нашите деца, да испееме нешто. Секогаш остававме за некој друг пат и еве сега, за жал, веќе не можеме да ја реализираме оваа идеја. Ивана беше дел од школските хорови додека беше во основно и средно училиште, но дотука било. Потоа се запиша на Економски факултет, отиде за Америка, се врати, сега работи како менаџер за клиенти во англиска маркетинг- групација и единствено му пее само на Ноах, кој уште од бебе реагира на музика, постојано танцува и пее, па можеби тој ќе одлучи да ги следи моите стапки.
Што Ви „одзеде“ последнава ковид-година? Колку лично Ве смени сето ова што се случува со пандемијата?
– Ни го одзема мирот и тоа најмногу ни недостига. Ни донесе чувство на постојан страв, неизвесност. Ни ги одзема силните прегратки и дружби со луѓето што ги сакаме. Но, мора да се придржуваме на препораките, да се заштитиме себеси, најблиските и оние чиешто здравје зависи од колективот. За жал, ковидот ни одзеде и неколку драги личности и ним и на сите оние што ја изгубија битката со оваа болест – нека им е светол патот. Пандемијата го смени нашиот начин на живот во целост. Единствена надеж гледаме во развојот на медицината и вакцините и се надевам дека тие ќе значат крај на пандемијата.
Дали има на повидок нова песна или албум од Росана?
– Музиката е таму кај што сум и јас. Плановите за нова песна малку се одложија со пандемијата, но секако нешто се спрема, за некои подобри времиња во блиска иднина.


