Ројевиќ пред реваншот со Олимпијакос: Ни треба поддршка од цела Македонија
Ракометарите на Охрид утре ги очекува еден од најважните натпревари во клупската историја, откако на домашен терен ќе го пречекаат грчки Олимпијакос во реванш четвртфиналето од Европскиот куп на ЕХФ. Македонскиот тим во дуелот влегува со солидна предност од пет гола (31-26) стекната на првиот натпревар.
Препорачано
И покрај позитивниот резултат, тренерот Борис Ројевиќ предупредува дека ништо не е решено и дека противникот има квалитет да ја анулира разликата.
„Пет гола можат да се стигнат лесно. Олимпијакос минатата сезона на гости славеше кај Турд со пет гола разлика, а потоа загуби со четири на домашен терен. Ова е опасен резултат и мора да внимаваме. Дополнителен проблем се повредените ракометари, имаме четворица повредени играчи. Ни треба поддршка од Охрид, но и од цела Македонија затоа што ние ја претставуваме државата во ова натпреварување. Се надевам дека публиката ќе ни помогне да се избориме за полуфинале“, кажа Ројевиќ.
Средбата ќе се одигра во СРЦ „Билјанини извори“ со почеток од 18 часот, каде што охриѓани ќе се обидат да го потврдат пласманот меѓу најдобрите четири во натпреварувањето.
Охрид со апел до навивачите: Политиката да ја оставиме настрана и да испишуваме историја


