Охрид со апел до навивачите: Политиката да ја оставиме настрана и да испишуваме историја
Ракометарите на Охрид направија голем чекор кон пласман во полуфиналето од ЕХФ Европскиот куп, откако славеа убедлива победа на гостувањето кај Олимпијакос во Атина со 31-25. Сепак, битката за место меѓу најдобрите четири екипи сè уште не е завршена, бидејќи следува реваншот во „Билјанини Извори“, каде охриѓани ќе имаат предност.
Препорачано
Во пресрет на возвратниот натпревар, од клубот упатија апел до публиката да даде силна поддршка, но во фер и спортски дух, без никакви провокации кон противникот.
„Почитувани охриѓани, симпатизери, навивачи и љубители на ракометот!
ГРК Охрид за градот од коло во коло на Европската сцена пишува историја! Одигравме одличен натпревар во Атина и се вративме како победници. Но, имаме уште 60 минути на домашен терен.
Бевме одлично примени од екипата на Олимпијакос и натпреварот помина во одлична ракометна атмосфера. Ја повикувам публиката, симпатизерите и навивачите во сабота да бидат 8-от играч на ГРК Охрид и ветер во грб на нашите гладијатори. Ве молам со фер и најкоректно навивање и поддршка за нашите момци да му помогнете на клубот. Транспарентите во преполната сала Билјанини Извори да бидат исклучиво за поддршка на нашиот клуб и Македонија, да ја оставиме политиката настрана и да му помогнеме на нашиот град да испишува историја! Со почит, Спортски директор Славчо Ристески“, стои во објавата на социјалните мрежи.
Воедно, останува на сила одлуката за забрана на гостински навивачи, како што беше случајот во Атина, така ќе биде и на саботниот дуел во Охрид.


