Родителите во Индонезија се огорчени: Децата во училиште пред првите петли

Децата заминуваат ненаспани, се враќаат изморени - Фотографија ЕПА, Фули Хандоко

Жителите на Купанг на истокот на Индонезија гневно реагираат на експерименталниот проект наставата во училиштата да почнува рано в зори, во 5.30 часот, за да остане еден ден повеќе за одмор во неделата, но и да се зацврсти дисциплината на децата.

Со проектот се опфатени учениците од 12 клас во десет средни училишта. Првиот час почнува во 5.30 часот, додека нивните врсници наставата ја почнуваат во 7 или во 8 часот. За сите нив наставата завршува во 15.30 часот.

Гувернерот Виктор Лаискодат, кој го спроведе експерименталниот проект, тврди дека ќе се засили дисциплината на децата, но родителите се жалат дека тие на училиште одат ненаспани, а се враќаат преморени.

– Екстремно е тешко. Излегува од дома во црна темница. Безбедноста им е загрозена. А, се враќа преморена и веднаш заспива – се жали Рамбу Ата, мајка на 16-годишната Еурека. Девојчето секое утро се буди во 4 часот и со мотоцикл низ темни улици вози до училиштето.

Педагози укажуваат дека сонот, а не наметнатата дисциплина, е главниот услов за поефикасно образование. Несоницата го загрозува здравјето на децата и има негативно влијание врз нивното однесување.

– Спиењето од само неколку часа е сериозен ризик за здравјето, го зголемува стресот и ги прави децата поагресивни – укажува педагогот Марсел Робот од Универзитетот Нуса Сендана.

Во студија спроведена од американски педијатри во 2014 година се препорачува наставата да почнува најрано во 8.30 часот, за да им се остави на децата повеќе време за здрав сон.

Омбудсманот побарал од централните власти да интервенираат и да ја укинат наредбата на гувернерот. Локалните власти не само што не отстапуваат, туку го проширија проектот со рано отворање на канцеларии во јавни институции, исто така во 5.30 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот