Јелдз Веапоска од Дебар, медицинска сестра од итната помош, преживува вистинска голгота откако се породила во болницата во Струга со царски рез, но од операцијата излегла без матка, бубрег и без еден јајник.
За оваа состојба во која се наоѓа таа, а за која вели дека ни на куче не му се прави, бара Лекарската комора на Македонија да му ја одземе лиценцата на директорот на струшката болница и гинеколог што ја оперирал, д-р Мухамед Асани. Доктор Асани, пак, вчера за „Слободен печат“ изјави дека операцијата ја извршил совесно.
– Имам цела документација од матичен лекар дека никогаш немам боледувано од бубрег, дека никогаш не сум имала проблеми со песок или камења. Тетка ми е сведок дека ни побараа мито кога се породив. Ме имаа пуштено за Скопје речиси умрена. Ова е сигурно лекарска грешка и нема како да се покрие. Но сепак никој не реагира. Барам да си даде отказ или да му се одземе лиценцата, а јас кривично ќе го гонам на суд. Ако нема тука правда ќе го носам до Стразбур. Иако работев осум години како медицинска сестра и се имам борено за животот на пациентите, сега самата при стапнување во болница добивам панични напади, раскажува Веапоска за „Слободен печат“.
Министерството за здравство вчера информираше дека предметот е испратен до Лекарската комора за стручен надзор по што јавноста ќе биде детално информирана.
Целата приказна за голготата низ која поминала Веапоска прочитајте ја во утрешниот број на „Слободен печат“.