Директорот на струшката болница ќе добие кривична откако родилка остана без бубрег, матка и јајник при породување, се правда – оперирал совесно

Адвокатска канцеларија од Скопје му спрема кривична пријава за загрозување на здравјето и за несовесно лекување на директорот на струшката болница доктор Мухамед Асани, како и тужба за надомест на штета, затоа што нивна клиентка од Дебар, отишла да се породи со второто дете, а од операцијата со царски рез излегла без еден јајник, без матка и без бубрег.

Родилка од Дебар доживеа хорор во болница: Ми извадија три здрави органи без да ми кажат

Како што за ,,Слободен печат” тврди адвокатот на пациентката, таа ја преживеала операцијата, меѓутоа кога влегла на пораѓање воопшто немала компликации, па нејасно е зошто и биле извадени и други органи.

-Генерално мојата клиентка не е заинтересирана за парите, меѓутоа сакаме правдата да излезе на виделина. Станува збор за млада жена, никому не му е јасно како може да излезеш од операција без толку органи, вели за ,,Слободен печат”адвокатот Јанев кој е полномошник на пациентката и кој се бори за расветлување на случајот во институциите.

Уште во ноември адвокатската канцеларија Јанев до Државниот санитарен и здравствен инспекторат доставила писмено барање да се поведе вонреден инспекциски надзор во врска со поднесената претставка на пациентката Ј.Веаповска, а која се однесува на незадоволството од спроведеното лекување и третман во општата болница во Струга. Меѓутоа, оттаму одговориле дека надлежна е Лекарската комора. Потоа инспекторатот иницирал министерот за здравство да направи стручен надзор во болницата за конкретниот случај.

Од Министерството за здравство за ,,Слободен печат” потврдуваат дека предметот за случајот во Струга поврзан со родилката е испратен до Лекарската комора за стручен надзор.

Директорот на струшката болница, гинекологот Мухамед Асани не беше расположен за разговор, меѓутоа кратко ни изјави дека соодветно и стручно ја извршил операцијата.

– Знам за што се работи немам никаков коментар и шокиран сум од некои глупости. Јас сум докторот што ја изведе таа операција и новинарите не треба да се бават со такви изјави. Не е точно тоа што го пишуваат. Што сакаат нека покренат, тоа е нивно, јас совесно си ја вршам работата, ни изјави доктор Асани.

Случајот е постар, датира од август годинава. Тогаш родилката се породила, но почнала да чувствува болки и имала крварење кое не сопирало. Сопругот на родилката тврди дека бидејќи лекарите сметале оти крварењето доаѓа од матката, ја отстраниле. Потоа поставиле дренажа, но таа се наполнила со крв, па поради претпоставка дека крвта доаѓа од бубрегот, го отстраниле и него! Операцијата траела седум часа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот