РК Вардар 1961 со триумф ја започна одбраната на шампионската титула
Ракометниот клуб Вардар 1961, актуелниот шампион на Македонија ја стартуваше новата сезона со убедлив триумф на гостувањето кај Вардар Неготино во рамките од домашната Суперлига. Играчите предводени од тренерот Владо Недановски ја оправдаа фаворитската улога славејќи со конечен резултат 25:39.
Препорачано
Уште од самиот почеток на мечот со серијата од 1:5 најавија скопските „црвено-црни“ дека атакуваат на првите бодови. До крајот на првите 30 минути од средбата предноста се зголеми, па на пауза гостите имаа водство од осум голови разлика (13:21).
Во вториот дел позитивата стана и „двоцифрена“ (14:24), а до крајот само рутински Вардар 1961 ја одработуваше задачата. Тренерот Недановски им даде шанса на сите играчи да настапат, најефикасен во победничките редови беше Моралес со седум голови, придонесе и голманот Гогов со 13 одбрани. На спротивната страна први стрелец беше Ташев и Кочаров со по пет погодоци.
Дебитантот во Суперлигата, ракометниот клуб Алкалоид исто така славеше во првото коло на гостински терен против Прилеп со 30:43.
За РК Алкалоид доминираше Серафимов кој осумпати се запиша во листата на стрелците, а истиот учинок за прилепчани го имаше и Давор Шокоски.


