Рик Аделман/EPA/PAUL BUCK, Дражен Петровиќ/NBA

Рик Аделман – тренерот кој не веруваше дека Дражен Петровиќ е Ол-стар кошаркар

Кошаркарскиот свет денеска беше погоден од веста за смртта на легендарниот тренер, Рик Аделман, тренерот кој некогаш не му оставаше простор за игра на големиот Дражен Петровиќ, но исто така и татко на Дејвид Аделман кој е актуелен тренер на Денвер.

Петровиќ во 1989 година пристигна во Портланд и важеше за најдобар европски кошаркар. Сепак, во визијата на тогашниот тренер Аделман за него немаше место во тимот.

Но, за љубителите на кошарката од поранешна Југославија, неговото име секогаш ќе биде поврзано со две сосема различни приказни. Од една страна е успешната соработка со Владе Дивац и Пеѓа Стојаковиќ во Сакраменто, а од друга – пропуштената можност да го препознае и искористи огромниот талент на Дражен Петровиќ.

Кога хрватскиот кошаркар во 1989 година пристигна во НБА, дојде како европска суперѕвезда, но во Портланд добиваше ограничена минутажа. Во својата дебитантска сезона просечно играше само 12,6 минути по натпревар. Тимот тогаш располагаше со силна конкуренција на бековските позиции, предводена од Ол-стар играчите Тери Портер и Клајд Дрекслер.

Ситуацијата дополнително се искомплицира пред неговата втора сезона кога клубот го ангажираше искусниот Дени Ејнџ, со што улогата на Петровиќ стана речиси незабележлива.

Незадоволството кај Дражен растеше од натпревар во натпревар, а својата фрустрација тогаш ја искажа со доза сарказам.

„Не знам. Не можам да го сменам мислењето на Аделман за мене. Како се чувствувам? Одлично! Седам на клупа, никој ништо не ме прашува. Постигнувам неколку поени на крајот од натпреварот… Всушност, ако смеам да кажам, јас сум најплатениот играч во НБА. Заработувам милиони долари за пет минути по натпревар… пет минути, ако Аделман е расположен и ако резултатот го дозволува тоа“, зборуваше Петровиќ.

Иако Аделман никогаш јавно не го критикуваше, никогаш не му објасни ниту зошто добива толку мала шанса за игра. Во ноември 1990 година, откако на шест натпревари помина само 11 минути на теренот, Петровиќ јавно побара трансфер и најави дека ќе се врати во Европа доколку клубот не му ја исполни желбата.

Реакцијата на Аделман беше студена и денес се смета за една од најголемите погрешни проценки во историјата на НБА.

„Да бидеме реални. Зборуваме за играч кој минатата сезона имаше просек од седум поени по натпревар. Тоа не е Ол-стар кошаркар. Пред него имаме многу добри играчи. Кој гарантира дека истото нема да му се случи и во друг клуб? Мислам дека добива многу лоши совети“, изјави Аделман за Дражен.

Иако по разговор со тренерот привремено го повлече барањето за трансфер, разделбата беше неизбежна. Во јануари 1991 година Портланд го испрати во Њу Џерси. За разлика од Петровиќ, Аделман пак како тренер на Сакраменто имаше успешна соработка со Владе Дивац и Пеѓа Стојаковиќ.

Дражен во Њу Џерси доживеа вистинска експлозија и се етаблираше како еден од најдобрите шутери во НБА, а во сезоната 1992/93 беше избран во третата најдобра петорка на лигата со просек од 22,3 поени по натпревар.

Само неколку месеци подоцна, во јуни 1993 година, неговиот живот трагично згасна во сообраќајна несреќа, оставајќи зад себе наследство што и денес се памети како едно од најголемите во европската и светската кошарка.

Почина легендарниот кошаркарски тренер Рик Аделман

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот