Рекламирале брзи кредити со нула камата, „заборавиле“ на другите трошоци, користеле различни имиња
Министерството за финансии во реализиран надзор над работењето на финансиските друштва констатираше одредени измамнички трговски практики
Министерството за финансии информираше дека по направените контроли на финасиските друштва, кои претежно се занимаваат со брзи кредити, утврдиле низа неправилноти.
Препорачано
„Министерството за финансии во реализиран надзор над работењето на финансиските друштва констатираше одредени измамнички трговски практики коишто се однесуваат, маѓу другото на рекламирањето на финансиските услуги и други дејствија од финансиските друштва, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите“, соопштија пд Министерството, но не наведоа колку контроли се направени и кај колку друштва се евидентирани неправилности.
Оттаму објаснија дека при надзорот констатирани се рекламирање со нула проценти камата, иако во договорот за кредит биле предвидени други дополнителни трошоци.
„Исто така, констатирани се неправилности коишто се однесуваат на рекламирање на финансиски услуги под брендови без да се наведе финансиското друштво коешто ја нуди конкретната услуга, потоа користење повеќе веб страни од страна на исто финансиско друштво, како и користење назив на друштвото во деловните простории различен од називот утврден во дозволата за работа на финансиското друштво“, пишува во соопштението.
Министерството за финансии информира и дека на сите финансиски друштва кај кои утврдиле неправилности им наложиле да ги отстранат сите реклами и натписи во деловните простории, а кои може да ги доведат граѓаните во заблуда.
„Во спротивно Министерството за финансии ќе ги преземе расположливите мерки во насока на заштита на граѓаните како корисници на финансиските услуги“, велат од Министерството.
Министерството објаснува дека во насока на усогласување со законските одредби, финансиските друштва се должни да го користат исклучиво називот согласно дозволата за работа издадена од Министерството за финансии, како и користење една веб страна, која јасно укажува за кое финансиско друштво станува збор.
Согласно Законот за заштита на потрошувачите одредена трговска практика се смета како измамничка доколку во содржината изостануваат битни инфромации што на потрошувачот му се потребни за да донесе правилна одлука.
Друштва за брзи кредити „заработиле“ 30 наредби и прекршочни пријави минатата година


