Пари/Фото: Sven Hoppe/dpa

Друштва за брзи кредити „заработиле“ 30 наредби и прекршочни пријави минатата година

Во текот на 2025 година од граѓани се пристигнати две пријави што се однесуваат на вознемирување при наплата на кредити, за што граѓаните се упатени до надлежното Министерство за внатрешни работи, велат од Министерството за финансии

Во моментов има 26 финансиски друштва. Тие работат со свои пари, имаат капитал од 170 милиони евра, главно даваат таканаречени брзи кредити, иако поголем дел од нив работат и факторинг и издавање гаранции. Во последниве години се зајакна регулативата, но во нивното работење сè уште има многубројни нерегуларности. Според Министерството за финансии, со минатогодишните контроли тие заработиле 30 наредби и прекршочни пријави.

– Министерство за финансии во континуитет врши теренски и вонтеренски надзор на работењето на финансиските друштва. Притоа, во 2025 година при вршењето на надзорот за констатирани неправилности изречени се 26 наредби и издадени се четири прекршочни налози.

Во текот на 2025 година е одземена една лиценца за работа на финансиско друштво. Во текот на 2025 година од граѓани се пристигнати две пријави што се однесуваат на вознемирување при наплата на кредити, за што граѓаните се упатени до надлежното Министерство за внатрешни работи. При тоа нагласуваме дека надлежност за разрешување на евентуални спорови помеѓу финансиските друштва и нивните клиенти имаат единствено надлежните судови во РС Македонија – изјавија од Министерството за финансии за „Слободен печат“.

Но, останавме без одговор на прашањето: Кои се најчестите неправилности што се откриваат при контролите од Министерството за финансии?

На предновогодишниот брифинг со новинарите, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека има финансиски друштва што на граѓаните им наплатиле повеќе вкупни трошоци од законскиот максимум според кој „годишната стапка на вкупни трошоци може да биде најмногу петпати повисока од стапката на законската казнена камата утврдена во согласност со Законот за облигациони односи за договорите во кои барем едно лице не е трговец“.

– Оние што земале повеќе пари, мора да им ги вратат на граѓаните – беше децидна министерката, која појасни дека место одземање лиценца, подобро е да им се даде можност на финансиските друштва да ги обесштетат граѓаните.

Затвореник во „Идризово“ и ортачка зеле седум брзи кредити со податоци украдени од штипјанка

Токму оваа изјава, во која се препознаа некои наши сограѓани, беше причината поради која тие се обратија до нашата редакција прашувајќи каде да се обратат за да го остварат ова свое право. „Слободен печат“ праша во Министерството за финансии:

„Што со оние граѓани на кои финансиските друштва го надминале законскиот лимит при наплата на вкупни трошоци? На брифингот со новинарите, министерката спомена дека има такви друштва. За колку друштва станува збор, кои се тие? Што значи прекршочен налог за нив? Колкава казна ќе треба да платат? Дали граѓаните сами ќе треба да водат постапка, каде да се обратат ако забележат ваква неправилност? Дали автоматски кај тие што сте го забележале проблемот, им наложувате да вратат пари?“

На ниту од едно од овие прашања не добивме одговор. Едноставно, ни беа игнорирани.

Никола Јушевски, претседател на Групација на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора, во изјава за „Пари“ вели дека „2025 година претставува пресвртна точка за финансиските друштва – од брз раст кон созревање и консолидација на секторот“.

– По години на раст, акцентот се премести кон квалитет на услугите, зајакнување на интерните контроли, подобрување на етичките стандарди и усогласување со построгите регулаторни барања. Секторот продолжи да се унапредува, особено во делот на дигитализација, транспарентност и корисничко искуство. Регулативата, вклучително измените од претходните години, засилениот надзор од Министерството за финансии, како и воведувањето на Етичкиот кодекс во јуни 2025, донесоа поголема дисциплина и ред. Сето ова придонесе за издвојување на посериозните и одговорни играчи, намалување на бројот на друштва (од околу 35 во 2022 на 26 во 2025 година), зголемена доверба кај јавноста и позиционирање на македонската регулатива меѓу најстрогите во регионот и Европа – изјави Јушевски.

Според Катерина Бошевска, директорка на компанијата за наплата на долгови „ЕОС Матрикс“, во Македонија недостасува европска регулатива за регулирање на финансиските друштва.

– Во сите европски земји, па и во нашето опкружување во регионот, микрофинансиските друштва се под капата на Народната банка. Кај нас тие се под Министерството за финансии, но тоа има многу голем обем на работа за да се концентрира на нив. Секако, потребно е да постојат и микрофинансиски друштва преку кои може за многу кус период да се дојде до пари, но ние мораме да работиме на регулативата која кај нас е застарена и да ја примениме европската регулатива – посочи Бошевска на брифингот со новинарите.

Таа рече дека постои висока презадолженост кај одделни корисници на брзи кредити. Од друга страна, пред две години се донесе методологија за кредитна изложеност, според која требаше да не се дозволи да има презадолжени граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот