Регионалната лига може да стане реалност со најголемите клубови од Македонија, Србија и Црна Гора
По неколку години пауза и распадот на СЕХА лигата поради војната во Украина во регионот повторно се разгледува идејата за формирање ново регионално ракометно натпреварување. Според последните информации, новата лига би можела да започне веќе од септември и во неа да учествуваат клубови од Македонија, Србија и Црна Гора.
Препорачано
Како што објави „Моцартспорт“, во моментов се разгледува систем според кој во лигата би играле 10 екипи, по четири од Македонија и Србија и две од Црна Гора. Очекувањата се дека конечната одлука би можела да биде донесена на состанокот закажан следниот понеделник во Белград.
Според планот, клубовите кои ќе учествуваат во регионалната лига нема да настапуваат во првиот дел од домашните шампионати, што значи дека ќе мора да се направат одредени измени и во системот на натпреварување во Македонската ракометна Суперлига.
Лигата би се играла по двокружен систем, односно секоја екипа би се соочила со сите ривали и дома и на гости, што би донело вкупно 18 кола. По завршувањето на регуларниот дел, на крајот од март следната година би се организирал завршен турнир на кој би се одлучувало за шампионот.
Кога станува збор за македонските претставници, не се очекуваат големи изненадувања, најверојатно учесници би биле Вардар, Пелистер, Охрид и Алкалоид. Од Србија се најавуваат Партизан, Војводина, Динамо Панчево и Дубочица, додека од Црна Гора веројатни учесници се Ловќен и Будванска ривиера.
Натпреварите, според најавите, би се играле претежно за време на викендите, со цел да не се попречуваат настапите на клубовите во европските купови. Постојат и иницијативи во иднина преку ова натпреварување да се обезбедува пласман во некое европско клупско натпреварување, што би можело да стане реалност од сезоната 2027/2028 не порано.


