Рецепт за превкусно макало од магдонос, лукот ќе му даде посебен шмек
Магдоносот е неизбежен во најразличните рецепти на медитеранската кујна (салати, чорби, чаеви итн.), но истото може да се каже и за македонската кујна. Со додавање неколку состојки како индиски ореви и лук, од овој здрав зеленчук може да подготвите здраво и вкусно домашно макало или сос. Намазите полни со конзерванси заменете ги со лесно приготвено макало, кое оди одлично во комбинација со топол леб. Може да го примените и како уникатен сос со сите видови тестенини или печени компири.
Препорачано
Зеленото макало од магдонос, индиски ореви, лук и зачини може да се послужи и како прелив на главните јадења, а неговиот богат состав го прави особено здраво и хранливо во студените денови.
Состојки:
– 10 грама свеж магдонос
– 7 грама свежи листови од босилек
– 15 милилитри сок од лимон
– 60 грама индиски ореви
– 80 милилитри вода
– 2 големи чешниња лук
– 1/2 лажиче морска сол
– црн пипер и сол по вкус
– маслиново масло

Подготовка:
Потопете ги индиските ореви во многу топла вода 15-20 минути, а потоа исцедете ги.
Во мал блендер, додајте ги сите состојки и блендирајте околу 1-2 минути или додека не добиете кремаста смеса. Вкусете и приспособете го вкусот по потреба, додавајќи повеќе сол по вкус, сок од лимон за киселост или билки. Ако е премногу густо, додадете повеќе вода. Чувајте го во затворен сад во фрижидер до три-четири дена.


