Новогодишен колач куглоф со портокал/ Фото: Jenty/GoodFon

Рецепт за новогодишен куглоф со портокал кој ќе ви го замириса домот на љубов

Во пресрет сме на најубавиот период од годината, новогодишните и божиќните празници, па веќе насекаде се чувствува новогодишната еуфорија. Сите ги китат елките, прават список за празничното мени, без разлика дали ќе слават дома или надвор.

Ако ви недостасува некоја идеја за празничен десерт, ние ви предлагаме рецепт за превкусен колач, кој се подготвува брзо и едноставно, а воедно ќе ви ја наполни душата и ќе ви го замириса домот на љубов и семејна сплотеност.

Задоволете си ги сите сетила, со слаткиот, меко и воздушест домашен новогодишен колач.

Состојки:

– 4 јајца
– 200 грама кафеав шеќер
– 1 ванилин шеќер
– рендана кора од 3 портокали
– 100 мл цеден сок од портокал
– 100 мл јогурт
– 150 грама  растопен путер
– 350 грама брашно
– 1 прашок за печиво
– цимет, морско оревче, прстофат сол
– 100 грама сечкани лешници/бадеми/ореви

Подготовка:

Со миксер се матат јајцата со шеќерот, ванилата, ренданата кора од портокал, се додава цедениот сок од портокал додека да стане пенасто. Се додава јогуртот, путерот и се мати уште неколку минути.

Настрана се просејува брашното, се додава прашокот за печиво, рамно лажиче цимет, рендано морско оревче и прстофат сол. Се додава постепено во мократа смеса и се меша со спатула. На крајот се додаваат сечканите јаткасти плодови и се промешува добро.

Во калап за куглоф се премачкува масло од сите страни, а најмногу околу централниот дел (таму смесата се лепи најмногу). Се сипува половина од смесата. Во другата половина се додава лажица какао и се меша.

Кафеавата смеса се сипува врз белата половина и со чепкалка за заби се исшарува, за да се измешаат двете бои.

Се пече прво половина час на 170 степени Целзиусови, а потоа уште 20 минути на 200. Со чепкалка проверете при крај дали е колачот куглоф печен. Се чека добро да се излади, па со помош на нож се одделува од калапот и се превртува на чинија. Можете да го прелиете со растопено чоколадо или да го наросите со шеќер во прав.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот