Рецензија: Кој е виновникот во „The Gulity“?

The Guilty
The Guilty/YouTube Screenshot

Филмот беше премиерно прикажан во Торонто, на 11 септември годинава, но, малкумина знаат дека станува збор за римејк на веќе постоечки дански филм со исто име од 2018, во режија на Густав Молер.

На почетокот на октомври годинава, филмот „The Guilty“ со Џејк Гиленхал во главна улога беше прикачен на Нетфликс и уште веднаш привлече големо внимание и гледаност.

Во режија и продукција на Антоан Фукуа, овој американски крими трилер е снимен во 2021 година според сценарио на Ник Пицолато, кој е исто така познат по својата работа на мега популарната серија „True Detective“. Покрај Гиленхал, во филмот се појавува и Кристина Видал, додека пак останатиот дел од актерската екипа, вклучувајќи ги Итан Хоук, Рајли Кио, Ели Гори, Да’Вин Џој Рендолф, Пол Дано, Питер Сарсгард и Бил Бур ги позајмија своите гласови за карактерите чии лица не се појавуваат на екранот.

За што станува збор во „The Guilty“?

„The Guilty“ нè води низ ноќната смена на полицаецот од Лос Анџелес, Џо Бејлор, кој во моментот работи како диспечер во Центарот за итни случаи 911. Набргу дознаваме дека Џо чека судско рочиште за инцидент што се случил на дежурство осум месеци претходно, што можеби е одговор за неговата нова нетипична работна позиција.

Во текот на вечерта, Џо одговара на разни повици, додека во позадината, на големите екрани во канцеларијата се гледа како Лос Анџелес гори, што наедно е приказ на вистинските настани од ноември 2019 година, но исто така, би можело да се сфати и како симболичен приказ на пеколните случаи што секојдневно се случуваат во сенката на некои други, според властите, „поголеми и поважни“.

Паралелно со итните случаи за кои стануваме свесни преку телефонските повици, ние учиме дека Џо е астматичар и е одвоен од својата сопруга и мала ќерка. Што и да се случува во позадина како причина за распад на неговиот приватен живот, веќе наоѓа процепи и низ неговиот професионален оклоп, и почнува да се забележува и онаму каде не треба. Тоа особено станува јасно од моментот кога Џо ќе добие еден конкретен телефонски повик од жена (Рајли Кио) која тврди дека е киднапирана од својот сопруг, кој веќе има досие, додека нејзините мали деца се сами дома и во опасност.

Обидувајќи се да ѝ помогне, Џо несвесно почнува да ги проектира своите лични проблеми, тајни и чувство на вина, доведувајќи ја сета ситуација вон границите на професионализмот. Но, паралелно додека тој ја дознава вистината за позадината на повикот, публиката ја дознава неговата, со што се создава тензична ситуација која предизвикува мачнина во стомакот на секој што го гледа филмот. Но, крајот е уште помоќен.

Виновникот
The Guilty/Instagram

 

„The Guilty“ е римејк на дански филм

Филмот беше премиерно прикажан во Торонто, на 11 септември годинава, но, малкумина знаат дека станува збор за римејк на веќе постоечки дански филм со исто име од 2018, во режија на Густав Молер.

Во основа, двата филма ја следат истата приказна, сместена во една просторија, што се развива во текот на една ноќна смена, додека тежината на се што се случува во тие долги работни часови лежи врз рамениците на само еден лик.

Фукуа несомнено гради неверојатна актерска екипа за овој филм, но Гиленхал и Кио посебно блескаат во своите изведби. Она што Гиленхал успева да го долови преку неговите фацијални експресии и движења, Кио го постигнува со својот глас. Двајцата се толку добри во своите улоги, што е неверојатно да останете рамнодушни.

Иако филмските критичари и публиката во најголем дел имаа пофални зборови за филмот, дел од нив сепак смета дека „The Guilty“ на Фукуа претставува само „блескава холивудска, но инфериорна преработка“ на веќе одличен филм кој не добива доволно признание и внимание затоа што не потекнува од англиско говорно подрачје. Но дали се нештата навистина толку црно-бели? Фукуа сепак променува доста елементи од оригиналот и на својата верзија ѝ додава карактеристичен вкус, што вреди да се проба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот