Разговор со Мери Еритцијан и Армине Пилојан Вртеска: Од обичен кафе муабет до уникатен мал бизнис

ла ганаш
Сопственичките на „Ла Ганаш“ / Фото: Приватна архива

Две жени од Ерменија се запознале во Скопје и започнале да создаваат вистинска уметност од рачно изработени чоколади

Ви ја носиме приказната на две пријателки по потекло од Ерменија, кои живеат во Македонија – Мери Еритцијан и Армине Пилојан Вртеска.

Мери и Армине ни откриваат дека нивното „чоколадно патување“ започнувало од обичен кафе-муабет. Почнале да учат и да ја совладуваат уметноста на рачно изработени чоколади, направени од оригинална белгиска чоколада, исполнети со најразлични вкусови, кремови и филови.

ла ганаш
Мери Еритцијан и Армине Пилојан Вртеска / Фото: Приватна архива

Поразговаравме со овие инспиративни жени за тоа како е да се биде сопственик на мал бизнис далеку од родната земја, со какви предизвици се соочиле и која е тајната на фасцинантно дизајнираните чоколади со одличен вкус и неверојатни форми.

Кои се Армине Пилојан Вртеска и Мери Еритцијан? Како ве донесе патот во Македонија и што ве натера да останете?

– Армине и Мери се две пријателки од Ерменија, кои за првпат се среќаваат во Скопје. Нашата средба е резултат на нашите семејни приказни.

ла ганаш
Дел од чоколадите во Ла ганаш / Фото: Приватна архива

Како се роди идејата за рачната изработка на чоколади? Дали создавањето на уметноста е тимска работа или една од вас е одговорна за вкусот и рецептот, а другата за естетиката и декорацијата?

– Идејата за рачната изработка на чоколади се роди поради нашата желба да креираме нешто во кое секој од нас ќе се пронајде себеси. Годините на заедничко дружење со нашите пријатели во Скопје и низ Македонија, ни овозможи да ги запознаеме традициите и вкусовите на различни култури. Чоколадното мало задоволство игра значајна улога во нашите животи кога сакаме да ја споделиме нашата среќа со најблиските, да подариме насмевки и пријатни емоции, но и кога сакаме да утешиме некого, нè поттикна да истражуваме и да навлеземе подлабоко во светот на чоколадото. Патот нè однесе во Антверпен, Белгија, каде што чоколатиерите од „Чоколадниот свет“ нè воведоа во тајните на рачната изработка на чоколадни креации. Нашата изработка на чоколади е комбинација на индивидуални креации и тимска работа во однос и на вкусовите и на естетиката.

ла ганаш
Сопственичките на „Ла Ганаш“ / Фото: Приватна архива

Можете ли да направите мала паралела на животот во Ерменија со животот во Македонија? Што е она што ви недостасува, а што е она што го добивте овде? Дали и таму се занимававте со изработка на чоколади?

– Двете земји, иако слични, имаат своја автентичност. Нормално е да ни недостасува нашата татковина, посебно кога нуди големи можности за уметниците, уметноста и рачната изработка. Во Македонија се запознавме со нов јазик, култура, луѓе и меѓу другото се осмеливме да започнеме бизнис. Идејата за изработка на чоколади се роди тука.

ла ганаш
Дел од чоколадите во Ла ганаш / Фото: Приватна архива

Како реагираат луѓето на вашите уникатни чоколатца? Дали го препознаваат гастрономскиот момент на белгиското чоколадо или им се потребни повеќе информации?

– Самиот факт, дека за година и пол имаме сè поголем број поддржувачи на нашата работа и потрошувачи, кои се амбасадори на уникатноста на нашите производи, нè прави среќни и задоволни. Гастрономскиот момент на белгиското чоколадо е препознаен од нашите потрошувачи, но главно се потребни повеќе информации за рачно изработените чоколадни производи.

ла ганаш
Дел од чоколадите во „Ла Ганаш“ / Фото: Приватна архива

Од селекцијата што ја нудите, кои се вашите омилени вкусови? Што би им препорачале на оние што досега не ги пробале вашите чоколади?

– Нашата палета производи опфаќа повеќе од 25 вкусови во различни дизајни, вклучувајќи класична карамела, различни карамелизирани јаткасти плодови, пралини со вкус на кафе, крцкав солен карамел, тофи, различни овошни пралини, рафаело, сникерс… Оние што не ги пробале, ќе најдат пралини за сечиј вкус и сигурни сме дека ќе станат дел од нашето чоколадно семејство, а пралините на „Ла Ганаш“ ќе бидат неизоставен подарок за нивните најблиски.

ла ганаш
Дел од чоколадите во „Ла Ганаш“ / Фото: Приватна архива

Со какви предизвици и успеси се соочувате како жени претприемачи?

– Предизвиците со кои „Ла Ганаш“ како чоколаден стартап се соочи и се соочува, се пандемијата и постојаниот раст на оперативните трошоци. Пандемијата беше причина за оддолжување на почетокот на нашето работење и малиот број купувачи. Во моментот постојниот раст на цената на суровините и електричната енергија вршат силен притисок врз рентабилноста на нашето работење. За да можеме да се справиме со овие предизвици и да можеме да продолжиме да одговориме на потребите на љубителите на чоколадото, во моментот ни е најпотребна поддршка од нашето чоколадно семејство во ширењето на приказната за нашите чоколадни производи. Очекуваме дека во наредниот период ќе има на располагање соодветни средства за поддршка на работењето и развојот на нашиот чоколаден стартап.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот